По собраниската седница на која не поминаа измените и дополнувањата на Изборниот законик со кои требаше да се регулира колкав процент потписи од вкупниот број избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ) треба да соберат независните кандидати за учество на локалните избори, се огласи Алијанса за Албанците (АА) преку својот официјален фејсбук профил. Партијата информира дека за измените и дпополнувањата „за“ гласаа само 11 пратеници од немнозинските заедници, а 18 гласаа против.
Како што наведува АА, се потврди дека оваа Влада нема Бадентерово мнозинство и дека „сака да функционира без еден од главните столбови на Охридскиот договор и важечкиот Устав“.
-Денес во Собранието, највисоката законодавна институција во земјата, позната и како „дом на граѓаните“, официјално беше потврдено она што го кажуваме веќе една година. Оваа Влада нема етнички легитимитет, не ги претставува сите граѓани и сите етнички заедници, туку е моноетничка Влада која се обидува да ги наруши и дискриминира другите, особено Албанците. За време на гласањето за измените на Изборниот законик, предлогот на оваа Влада доби само 11 гласови од пратениците на немнозинските заедници, додека 18 гласаа против. Ова е уште една официјална потврда дека оваа Влада нема Бадентерово мнозинство и дека сака да функционира без еден од главните столбови на Охридскиот договор и важечкиот Устав. Ги повикуваме албанските партии во Владата да го напуштат овој вазализам, правилно да ја прочитаат волјата на Албанците и да го прифатат фактот дека немаат потребен легитимитет да останат таму каде што се, потчинети и понижени секој ден, пишува Алијанса за Албанците.