„Одлуката за забрана за движење не важи за патниците што доаѓаат или заминуваат од меѓународните аеродроми, на кои, за време на полицискиот час, како дозвола за движење ќе им се признаваат авионските карти. Оваа отстапка е иста и за патниците во меѓународниот превоз на патници“, објасни портпаролот на владата, Душко Арсовски на денешната прес-конференција, додавајќи дека за транспортерите на лица и на стока кои транспортот го спроведуваат за време на забраната за движење како дозвола ќе се прифаќа патниот налог, додека транспортерите што транзитираат најмногу ќе имаат обврска најмногу за 3 часа да ја напуштат земјата од еден на друг граничен премин.
Надлежните служби на граничните премини ќе ги пропуштат патниците кои со лични возила ја напуштиле земјата пред воведувањето на полициски при што ќе се спроведуваат и до сега активните мерки за задолжителен ПЦР тест за оние што доаѓаат од оние земји за кои оваа постапка е задолжителна.
Од утре до 22 март се воведува полициски час кој ќе трае од 22 часот до 05 часот изутрината, на територијата на целата држава. Владата го прифати предлогот на Комисијата за заштита од заразни болести, а истворемено побара од полицијата и инспекторите да вршат повеќе контроли на терен.
„Барем во кафаните има ред и поредок како треба да седат граѓаните, а дали се спроведуваат мерките – тоа треба самите институции да казнуваат и самите газди да ги спроведуваат мерките, но ако ги затворите, граѓаните се собираат пред објектите, на Водно и затоа треба барем после 10 часот буквално сите да си седиме дома, освен оние што одат трета смена или треба да патуваат, а не заради лично задоволство. Апсолутно мерката е издржана. Мене ми беше образложена и секако ја прифаќаме како мерка“, изјави Зоран Заев, претседател на Влада.