Владата очекува извинување за сите шпекулации околу патувањето на синот на Мицкоски во САД

од Nikola Popovski
30 прегледи

Портпаролката на Владата, Марија Митева ја поздрави одлуката на Антикорупциската комисија дека синот на премиерот Христиан Мицкоски во САД не патувал на државен трошок, ниту бил дел од делегацијата која во Вашингтон во почетокот на јули учествуваше на Самитот на НАТО.

-Како Влада можеме да кажеме дека е разумна и очекувана, со што се потврдува начинот на кој функционира владата, а тоа е во однос на почитување на Уставот и законите. Ние сме првите кои што треба да ги почитуваме. Денес се гледа од каде доаѓааат тие шпекулации и очекуваме во најмала рака да се поднесе едно извинување за сите шпекулации кои што можеби имаа друга цел со ширењето на вакви невистини, изјави Митева на првата прес-конференција во Владата како нова портпаролка.

Антикорупционерите едногласно донесоа одлука, постапката, отворена по нивна иницијатива, да запре.

По барање на Антикорупциската комисија од Владата, во законскиот рок од 15 дена им била доставена целосната документација-покани, патни налози и финансиска документација за авиобилетите и хотелското сместувањето на 21 член на владината делегација, како и авионските карти и сместувањето на синот на премиерот. Авиобилетите за патувањето во САД биле резервирани од владината служба за заеднички и општи работи, а по барање на кабинетот на премиерот и министерствата, а на списокот не било наведено името на синот на Мицкоски, констатираа антикорупционерите.

Пред три месеци СДСМ обвини дека синот на премиерот патувал со него во САД и побара да се објават приватните сметки од патувањето. Од ВМРО-ДПМНЕ им одговорија дека синот на Мицкоски не бил дел од официјалната делегација и дека сите трошоци се намирени приватно од семејството на Мицкоски.

Слични содржини