Владата останува на ставот за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители

од Nikola Popovski
92 прегледи

Владата и понатаму останува на ставот за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, соопштија денеска од „Илинденска бр.2“. Како што наведуваат оттаму, нивното нераспуштање ќе значи продолжување на агонијата едни послушни кон власта судии и обвинители, по истиот принцип како во минатото да бидат заменети со други.

-Разбираме дека од распуштањето на овие институции има многумина исплашени и загрижени, но доаѓа време на промени и шанса за професионалните и способни кадри, брифираат од Владата, додавајќи дека „во државата институциите работат согласно важечките закони и Устав“.

-Владата не се откажува од идејата за распуштање на Републичкиот судски совет и Советот на обвинители што преставува реформа на овие институции за кои јавно повикавме на расправа и ќе потсетиме дека имаат под 2 проценти доверба, потенцираат од Владата.

Премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати истакна дека „работата не ја бива“. Според него, со два проценти доверба во судството, граѓаните се чувствуваат обесправени, наспроти оние во Судскиот и во Советот на обвинители кои земаат илјадници евра, и при тоа криминалци стануваат херои затоа што се во спрега со овие како до сега, вели Мицкоски.

И додека премиерот смета дека Судскиот и Советот на обвинители треба да се распуштат и фелата сама да избере нивни претставници во телата, амбасадорите во земјава реагираа негативно. Не се мешаме во внатрешните работи на земјата туку сакаме да помогнеме, вели американската амбасадорка Анџела Агелер.

„Се надевам дека не мислеше на мене. Нашата намера никогаш не е да се мешаме. Отсекогаш наша намера било да ве поддржиме. Одлуките кои се носат во Судскиот совет, или искрено, во кое било друго тело во рамките на судството, се одлуки само на челниците на оваа земја. Ние не кажуваме кој треба да седне во кој било суд. Ние не кажуваме кој треба да биде член на кој било совет. Дали има широко распространета корупција во судството? Да. Кога јавната поддршка и доверба во судството е 2 проценти, тоа е разочарувачки“, изјави неодамна Агелер.

Мицкоски останува на ставот дека реформите во двете судски тела треба да се направи со измени на законот, па ако треба вели Мицкоски и Уставот ќе претрпи измени.

Членот 34 во Законот за Судски совет превидел дисциплинска постапка за некој од членовите доколку работел несовесно. Може да ја иницираат 20 судии или пак некој од членовите на советот со право на глас.

Тоа може да случи ако влијаел врз независноста на судиите или вршел притисок за предмети, не ја извршил својата функција, ако одбил да поднесе изјава за имотна состојба и ги прекршил правилата за изземање во ситуации во кои знаел или требало да знае за постоење на некоја од основите за изземање.

Законот предвидел и разрешување на член на Судски совет.

„Членот на Советот се разрешува од функцијата ако повредата е сторена со намера или очигледна небрежност по вина на членот на Советот без оправдани причини и повредата предизвикала тешки последици“, пишува во законот.

Слични содржини