Владата почна да ги распределува административците кои седеа дома, а земаа плата

од Vladimir Zorba
165 прегледи

Почна потпишувањето на согласностите со кои дел од рамковно вработените се распределуваат на работа. Пред десетина дена беше објави план за распределување на работни места на 958, од вкупно 1.600 лица вработени според Рамковниот договор. Од Владата, во изјава за ТВ 24 велат дека се уште немаат точна бројка колку лица ја прифатиле понудената работа.

„Процесот за потпишување изјави за согласност е во тек. Во моментот не можеме да кажеме конкретна бројка за тоа колку одбиле или не, но веруваме и очекуваме дека сите тие административни службеници ќе потпишат изјава за согласност и ќе бидат распределени на конкретни работни места и да работат во тие државни институции“, вели Мухамед Хоџа – портпарол на Владата.

Претходно министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски изјави дека на вработените им се дава само една шанса да одбијат некое работно место. Повторното одбивање ќе значи „отказ“, односно раскинување на договорот. Манчевски појаснува дека тие што нема да ја прифатат понудената работа ќе се префрлат на трансфер листата на министерството.

„Ќе им се даде соодветна понуда, но не значи дека по секоја цена мора да прифатат. Во тој случај тие луѓе ќе бидат ставени на трансвер листата. Таму ќе можат даси добиваат понуди од други институции “, вели Дамјан Манчевски – министер за информатичко општетсво и администрација (08.03. 2018)

Според владиниот план по десетина рамковно вработиени добија Министерствата за економија и за земјоделство, а околу 90 се распределени во Министерството за финансии. Распределувања има и во сите другите министерства, но и во Царинската управа, УЈП како и други институции од јавниот сектор. За рамковните да добијат работно место, претходно беа направени измени на пет закони. Пресудни за добивање на одредено работно место беа образованието, работното искуство, и местото на живеење.

Вработувањата на овие лица почна во 2008 и до пред три години беа спроведувани во согласност со објавените огласи во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор./Тв 24