Владата денеска соопшти дека во употреба се пуштени 20 километри од автопатот Кичево – Охрид, и тоа од селото Врбјани кон Охрид, со исклучок кај селото Ботун. Премиерот Христијан Мицкоски во својот говор рече дека како Влада успеале да го откочат најголемиот и најзаглавениот инфраструктурен проект во земјава по само една година и оти нема да застанат на овие дваесет километри, туку најави дека следната година автопатот ќе биде целосно завршен и ставен во функција.
Mинистерот и вицепремиерот, Александар Николоски рече дека со изградбата на овој автопат побрзо ќе се патува до Тетово, до Гостивар и до Скопје, ќе се поврзе Македонија со Албанија и секако ќе се отворат големите туристички центри Охрид и Струга за сите кои сакаат да ги посетуваат.
„Само сакам да кажам две работи, првата дека ова беше симбол за неспособноста на минатата Влада на СДСМ и ДУИ, ова беше заборавен напуштен проект на кој немаше работници, инженери, ниту машини, и ова е проект кој е симбол и доказ за посветеноста и работата на оваа Влада и тоа е клучната разлика помеѓу нас и нашите политички опоненти. Второт е дека е многу значајно и симболично е што првиот дел од патот го отвораме во славна Дебарца – овде има многу историја, многу приказни а сега и модерен автопат“, истакна меѓу другото Николоски во обраќањето.
Со реакција се јавија од опозициската СДСМ. Оттаму велат дека кога нивната партија беше на власт и го презеде проектот во 2017 година, на терен затекнале само околу 30% прогрес на работите, нерешена експропријација, свлечишта на косините, без изработени клучки и со куп сериозни проблеми.
„Поради грешките на ВМРО-ДПМНЕ, трасата дури поминуваше преку резервоар за вода за пиење на Кичево, па моравме да ја дислоцираме и да ја заштитиме безбедноста и здравјето на граѓаните.
Во 2018 и 2019 година, по комплетно репроектирање, продолживме со работа, и до 2024 година автопатот го предадовме со 83% завршеност.
Кичево–Охрид е симбол на погрешен избор на модел на изградба од страна на ВМРО-ДПМНЕ — проект започнат од Груевски само за политичко сликање, без геомеханички испитувања, без комплетен основен проект и со штетни последици за граѓаните“, велат меѓу другото од „Бихаќка“.
Проектот, кој започна во 2014 година, се соочи со бројни предизвици, вклучително геотехнички проблеми, дополнителни градежни работи и финансиски зголемувања. Првично предвидената инвестиција од 374 милиони евра се зголеми на околу 598 милиони евра, а крајниот рок за завршување неколкупати беше пролонгиран, од Министерството за транспорт и врски уверуваат дека оваа сума нема дополнително да се менува, и покрај пролонгирањето на роковите.