Владата се надева на „бриселските кулоари“: Модел на „членство без право на глас“ не постои во правото на ЕУ

„Бриселски кулоари“ како „чаршиски муабети“: Дали Македонија треба да очекува членство во ЕУ идната година без право на глас, како дел од поширок план за Украина?

од Nikola Popovski
41 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Многу „ако“ за членството на Македонија во ЕУ. Премиерот Христијан Мицкоски обелодени дека можно е земјава да стане членка на Унијата во 2027 година со учество во сите тела, но без право на глас, без право на комесар, но ќе можеме да учествуваме во работата на Европскиот совет и институциите во Брисел. Од Владата појаснуваат: „Процесот би бил дел од поширок пакет кој би ги опфатил и другите земји од регионот, во зависност од развојот на мировниот договор за Украина и политичкиот консензус во рамките на Унијата. Суштински, ова за Македонија би значело членство, но со ограничен капацитет во одлучувањето, постепена и условена интеграција и силен мониторинг до целосно усогласување со европскиот систем“.

Тука се наметнуваат и уставните измени како главен услов за нас. Процесот на пристапување е забавен, а напредокот во клучните области, особено владеењето на правото и борбата против корупцијата, е недоволен нагласува известувачот во ЕП, Томас Вајц, во годинешниот нацрт-извештај за земјава.

Социјалдемократите пак коментираат дека власта ја турка Македонија во изолација. „Брисел пратил јасна порака дека проширувањето може да се забрза, но само со вистински реформи и владеење на правото. Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“, велат од СДСМ.

Брзото членство во ЕУ без право на глас, за експертите повеќе личи на политичка шпекулација отколку на реално и правно издржано сценарио. Според извршниот директор на „Преспа институтот“ и познавач на состојбите, Андреја Стојковски, тоа е дел од предлозите и алтернативните решенија кои го предлагаат повеќе тинк-тенк организации, но, се уште е далеку од реална дискусија на ниво на институциите на ЕУ, или од измена на договорите. Според важечките договори, членството подразбира полно институционално учество – право на глас во Советот, свој комесар, претставеност во Европскиот парламент и еднаков статус со останатите членки.

-Во договорите постои категорија „држава-членка“. Нема категорија како што е „второстепено“ или „ограничено“ членство. За такво нешто би биле потребни измени на договорите, што бара едногласност од сите држави-членки и ратификација на национално ниво – процес кој е политички и правно исклучително тежок, секако и долг, вели Стојковски во анализа за „Локално“.

Андреја Стојковски/Фото: Преспа Институт

Соговорникот дообјаснува дека е точно како Брисел зборува за модели на фазна или забрзана интеграција, особено во контекст на Украина и пошироката геополитичка состојба. Се зборува за пристап до одредени политики, фондови или програми пред формалното членство.

-Но тоа не претставува формално членство без право на глас, туку проширена интеграција пред самото пристапување. Затоа, ваквите прогнози од „бриселските кулоари“ треба да се читаат како дел од пошироки размислувања за иднината на проширувањето, а не како конкретна и усогласена понуда кон Македонија, истакнува Стојковски.

Што се однесува до уставните измени, додава Стојковски, формалната рамка останува непроменета. Преговарачката рамка усвоена во 2022 година јасно предвидува внесување на бугарското малцинство во Уставот како услов за продолжување на преговорите и отворање на поглавјата. Тоа не е неформална политичка порака, туку формално усвоена обврска на ниво на ЕУ. Сè додека нема официјална ревизија на таа рамка, условот останува на сила.

-До денес, слушнавме повеќе изјави од ЕУ дека измена на преговарачката рамка нема да има. Исто така, слушнавме изјави од претседателот на Бугарија, еден или повеќе од поранешните премиери и од еден или повеќе од поранешните министри за надворешни, а ова се изјави на функционери кои според меѓународното право преземаат или создаваат обврски за државите кои ги претставуваат, дека уставните измени се единствениот и последен политички услов за продолжување со преговорите за Македонија. Нашата влада и покрај овие и вакви изјави не го промени својот став. Оттука, тешко е да се очекува дека би го променила ставот врз основа на неформални идеи или шпекулативни сценарија. Освен, ако не одлучила тоа да го стори претходно, па овој наратив го користи како оправдување, подвлекува извршниот директор на „Преспа институтот“.

Со сличен став е и политикологот и извршен директор на „Евротинк“, Димитар Николовски. Вели дека во институционална смисла, ваков модел на „членство без право на глас“ не постои во правото на ЕУ и договорите на Унијата не предвидуваат статус на полноправна членка со ограничени политички права. Постојат модели на постепена интеграција – пристап до фондови, учество во политики, интеграција во единствениот пазар, но формално членство без институционални права би барало измени на основачките договори, што е исклучително сложен и политички тежок процес.

Оттаму, според него, изјавата на премиерот Мицкоски треба да се чита како политичка индикација, а не како формализирана понуда.

Димитар Николовски-Фото: Принтскрин/Јутјуб

-Можно е во „бриселските кулоари“ да се разговара за креативни геополитички решенија поврзани со Украина, особено во контекст на реконструкцијата и безбедносната архитектура по војната. Но, тоа засега се идеи, не е Преговарачка рамка. Реалноста е дека секоја држава-кандидат мора да ги затвори преговарачките поглавја, да го усогласи законодавството и да добие едногласна одлука од сите земји членки. Затоа, ова сценарио повеќе личи на политичко позиционирање и тестирање на јавниот дискурс, отколку на непосредна и остварлива временска рамка, нагласува Николовски во разговор за „Локално“.

Запрашан дали по ваквите идеи од Брисел смета дека македонската Влада ќе го промени „тврдиот став“ за внесување на бугарското малцинство во Уставот, соговорникот порачува дека тоа е клучниот услов кој останува. Николовски укажува дека ниту една политичка идеја од типот „геополитички пакет“ поврзан со Украина не може автоматски да го суспендира билатералниот услов што веќе е дел од формалната рамка.

-Од правен аспект, тој услов е вграден во процесот и без негово исполнување не може да започне отворање на кластерите. Прашањето е повеќе политичко отколку техничко: дали евентуална поширока европска динамика ќе создаде нов политички импулс во земјата? Можно е. Но, засега нема сигнали дека Брисел е подготвен да ја ревидира рамката или да го одвои македонскиот случај од договорените обврски. Оттука, шансите Владата да го промени „тврдиот став“ не зависат од шпекулативни идеи, туку од внатрешниот политички баланс, парламентарната математика и проценката дали евроинтеграцијата е стратешки приоритет над дневнополитичките тензии, заклучува извршниот директор на „Евротинк“.

Марта Кос, европската комесарка за проширување, изјави дека за време на нејзиниот мандат нема да дозволи „тројански коњи“ да влезат во ЕУ. Затоа се залага за „пробно“ придружување на нови земји кои потоа би биле набљудувани пет, десет или петнаесет години. Германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна им порача на земјите од Западен Балкан: „Не сакам да ве изгубиме“. Но, пред да стане канцелар, тој се залагаше пред сè за „економска интеграција“, од Србија, преку Турција до Украина – ги спомена сите заедно.

Од 2022 година, ЕУ постепено ги приклучува земјите-кандидатки за време на пристапниот процес за што го создаде и Планот за раст за поддршка на реформите. Македонија моментално се наоѓа во тешка позиција, бидејќи процесот на пристапување е сопрен. И покрај некои позитивни реформи, напредокот на реформската агенда на ЕУ – особено во клучни области како владеење на правото, реформите на правосудството и борба против корупцијата е недоволен.

Н.П.