Владата се задолжи 20,9 милиони евра кај ЕБОР за набавка на пет нови локомотиви

-Со новиот заем ќе се набават најмалку пет нови електрични локомотиви, кои заедно со постојните ремонтирани возила, ќе го покријат карго-превозот во државата, велат од Владата

од Nikola Popovski
12 прегледи

Договор за заем меѓу МЖ Транспорт и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во износ од 20,9 милиони евра е потпишан денеска во Владата. Со заемот ќе се набавуваат електрични локомотиви со резервни делови, а целта е поголем транспорт на стоки и генерирање приходи на претпријатието.

Со новиот заем ќе се набават најмалку пет нови електрични локомотиви, кои заедно со постојните ремонтирани возила, ќе го покријат карго-превозот во државата. Условите под кои се обезбедени средствата – долгорочен рок на отплата, поволен грејс период и конкурентна каматна стапка, се во целосна согласност со стратегијата за одговорно управување со јавниот долг и обезбедување одржливи јавни финансии.

– Денес зборуваме за нешто што со децении беше занемарувано, а е од суштинско значење за економијата, извозот и европската иднина на Македонија, а тоа е железницата. Состојбата што ја наследивме беше катастрофална. До неодамна МЖ Транспорт немаше ниту една целосно функционална локомотива, подвлече премиерот Христијан Мицкоски, според кој, ова е системска обнова на железничкиот сектор.

Мицкоски информира и дека пред Договорот за заем претходеше анализа за потребите, функционалноста и оперативноста на МЖ Транспорт.

Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, потпишувањето на Договорот е клучен чекор за целосната трансформација на ЖРСМ Транспорт во модерно претпријатие кое ќе одговори на потребите на комитентите.

-Новите локомотиви целосно ќе ја променат сликата и со веќе постојните целосно ќе може да го опслужат транспортот, рече Николоски.