Владата со одговор дали ќе ни требаат нови документи доколку се менува државниот грб

од Nikola Popovski
1,5K прегледи

По најавите дека е отворено прашањето за можна промена на државниот грб, во јавноста се постави дилемата за нови промени на личните документи кои го содржат грбот. Околу тоа дали граѓаните ќе се изложат повторно на дополнителни трошоци, поставивме прашање до Владата. Оттаму ни рекоа дека засега не се донесени решенија.

Ова прашање штотуку се отвори во јавноста. Со оглед на фактот што не се донесени никакви решенија, во овој момент не цениме дека треба да се констатираат какви било состојби, информираа од Владата за „Локално“.

Нашата редакција испрати прашања и до Министерството за внатрешни работи, со оглед дека е задолжено за издавање на личните документи, но, до моментот на објавување на текстот, не добивме одговор.

По промената на уставното име на државата, согласно Преспанскиот договор, граѓаните имаа обврска да ги промени патните исправи, личните карти и возачките дозволи. Договорот стапи на сила на 12 февруари 2019 година и во него беше предвидено рок од пет години за промена на документите. Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните амандмани за промена на името во Северна Македонија беа изгласани во Собранието на 11 јануари 2019 година. По објавувањето на измените во Службен весник во февруари 2019 година, петгодишниот рок почна да тече согласно Договорот.

Темата за евентуална смена на грбот вчера прв ја кажа премиерот Христијан Мицкоски. Информира дека ова прашање е отворено во владината коалиција.

-Јас знам дека имаше договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ пред неколку години за промена на државниот грб. Мислам 2014-2015 година се случи. Инаку, ние ова прашање го отворивме и сметам дека сме една од двете држави, би рекол постсоцијалистички, кои сè уште за државниот грб го имаат стариот со некои мали модификации. Имаше договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кога бевме во иста влада, мислам кога беше времето на Никола Груевски, рече премиерот.

Од ВЛЕН ја поддржаа ваквата идеја, барем според денешните зборови на еден од лидерите на коалицијата, Биљал Касами. Третиот партнер во Владата, партијата ЗНАМ засега нема излезено со свој став по ова прашање.

Дел од опозициските партии остро се спротивставија на ваквата најава. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче категорично отфрли било каква промена, најавувајќи искористување на сите демократски средства за да спречи такво нешто, додека од ЛДП предложија рисот да биде консензуално решение за нов државен грб. Се очекува и ставот на Левица.

Ваквата идеја потекнува од 2014 година кога владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски излезе со таков предлог. Тогаш стануваше збор за црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина. Меѓу објаснувањата на тогашната власт беше дека Македонија и Белорусија биле единствени во Европа што имаат државен грб инспириран од советската хералдика. Тогаш ДУИ се согласи на ваков државен грб, нагласувајќи дека лавот е дел и од албанската традиција, а го има и во грбот на градот Тирана. Круната, пак, рекоа, го претставува Скопското кале.

До 2009 година, Македонија го користеше стариот социјалистички грб, додека пак на 16 ноември 2009 година е усвоен грб кој е многу сличен со стариот социјалистички и разликата е во тоа што е тргната црвената петокрака.

Н.П.

Слични содржини