Уште од првото споменување на „српскиот свет“ во септември 2020 година, луѓето од Западен Балкан предупредуваат дека оваа кованица неодоливо потсетува на аспирациите на тогашната официјална српска политика, која одигра клучна улога во крвавиот распад на поранешна Југославија во раните 1990-ти. И Македонија се споменува во ваквиот контекст, особено по предупредувањата во Извештајот на Европскиот парламент за т.н. „српски свет“. Ваквиот термин како амандман стана дел од Извештајот што ќе се најде на гласање на 8-ми јули и е јавен документ. Поднесен е од бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, заедно со повеќе хрватски европарламентарни од ХДЗ.
Како влеговме во „српскиот свет“ е дилемата што се поставува и дали некој не внесе таму. За дел од овдешната јавност, пренагласена е таа формулација, иако постои некаков вид на српско влијание во земјава. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски оценува дека малку се мисинтерпретира Извештајот во тој дел.

Петар Арсовски
-Точната формулација е дека Извештајот изразува загриженост дека некои претставници на Владата, претпоставувам се мисли на министерот Иван Стоилковиќ, го промовираат концептот „српски свет“, така што во таа смисла Владата може треба да има поостра реакција кон тоа, но, истовремено Извештајот не вели дека нашата официјална политика е врзана со „српски свет“ туку дека некои парцијални членови на Владата го промовираат тој проект, сметајќи дека Владата треба официјално да реагира, вели Арсовски за „Локално“.
Според него, малку е пренагласено да се кажува дека е поткопан суверенитетот на земјата, но, тврди дека српско-културолошко влијание има одамна, особено преку заедничките естрадни уметници или некоја заедничка турбо-фолк сцена итн.
-Такво влијание има подолго време, имајќи предвид дека во Македонија голем дел од каналите кои што се гледаат се Пинк, Гранд…Исто така има констатирано влијание на лажни вести и дезинформации преку српски портали кои се пренесуваат таргетирано во Македонија, кои пак промовираат некакви наративи кои се во полза на Унгарија или Русија. Тој дел од влијанието постои, но не знам колку фаќа корен кај нас и колку доминира како мејнстрим наратив, наведува аналитичарот.
Арсовски посочува дека има една загриженост дека недостатокот на ЕУ перспектива отвора простор за пробив на други евроскептични наративи. Во моментов Унгарија е најголемиот евроскептик, а е членка на ЕУ.
-Москва сака да го користи тој вакуум и да доминира со сопствените приказни, обидувајќи се да направи дополнителна дестабилизација која би отргнала внимание и би ги поделила ресурсите на НАТО и ЕУ меѓу Украина и Балканот. Секој пат кога ќе го нема главниот движечки мотор кон евроатлантските интеграции, тоа што останало секогаш е алтернативата – атлантски дезинтеграции, анализира соговорникот.
Околу тоа колку овие случувања се производ на внатрешната поделба во општеството и земјата, односно нејзина „готамизација“, Арсовски објаснува дека внатрешната поделба на општеството постои подолго време. Според него, проблемот со Бугарија само ја зголемува таа поделба бидејќи кај етничките Македонци имате поделба околу поддршка или спротивставување на ЕУ.
-Дополнително има посериозна поделба меѓу етничките Македонци и етничките Албанци каде што Македонците во најголем дел велат „ако ова е цената за ЕУ, не сакаме ЕУ“, а најголем дел од етничките Албанци им е гајле за цената што ние сакаме или не сакаме да ја платиме – сакаат веднаш во ЕУ. Тоа не се разлики во нијанси туку дијаметрално спротивставени ставови за иднината на државата. Тие поделби треба повеќе да не загрижат отколку внатрепартиските поделби или поделбите меѓу различните идеолошки групи. Етничката поделба и етничкиот јаз кој се зголемува, во смисла на иднината на државата, е тоа што посериозно треба да не загрижи, дециден е аналитичарот.

Мерсел Биљали
Oд друга страна, професорот и аналитичарот Мерсел Биљали смета дека тоа е особина на мали народи, кои по своја природа цело време се преокупирани со страв од постоење. Оценува дека македонскиот етникум зачудувачки е премногу негативно наелектризиран или пак заштитнички е наслонет кон блиски соседни народи и тука не е можна средина.-Соседот ви е или пријател иле непријател. Гледаме дека само ние зборуваме со странците само за идентитет на нации, а не за држава, а кај Албанците е спротивно. Секој народ што му вели дека е близок или претендира на историска личност, тие се гордеат со тоа. Италијанците ни велат дека вашиот јазик потекнува од италијанскиот и луѓето се радуваат поради тоа. Србите, па и Македонци велат дека Скендербег по мајка е нивен, па никој не корне коса. Дури не се караат. Тука лоши политичари го едуцирале народот да делува параноично…, вели Биљали во изјава за „Локално“.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека не го видел тој Извештај, но ги отфрли таквите констатации за српско влијание. „Не верувам дека е содржано во некаков официјален Извештај на ЕУ бидејќи би било многу наивно. Од оние контакти кои јас ги имам со високи претставници на ЕУ, не само што немаме никава допирна точна со таква констатација туку напротив, ако некогаш во времето постоеше онаа иницијатива „Отворен Балкан“, барем откако е оваа Влада, такво нешто нема. Се изгуби смислата на сето тоа од она што можам јас да го видам“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.
„ЕП изразува загриженост за таканаречениот проект ‘српски свет’ и што некои претставници на Владата на Северна Македонија го застапуваат и промовираат овој концепт; ЕП го осудува учеството на состаноци на кои се обидува да се воспостави сфера на влијание што го поткопува суверенитетот на другите земји и стабилноста на регионот“, стои во амандманот поднесен за Предлог-извештајот кој помина во прва фаза, по што следува главното гласање на пленарката на ЕП.
Текстот на амандманот нагласува „потреба од отворање на архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС – од времето на Јосип Броз Тито по 1945 година – н.з.), кои се чуваат и во Македонија и во Србија, како и потребата овие архиви да се отворат на регионално ниво со цел да се надмине минатото на транспарентен начин, со цел зајакнување на демократијата, одговорноста и институциите на Западен Балкан“.
Н.П.