Владата усвои два меморандума кои имаат за цел промоција на дигиталната трансформација

од Aleksandar Petrovski

Владата денеска на седница го разгледа и усвои усогласениот текст на Меморандумот за разбирање за 5G патоказ за дигитална трансформација во регионот на Западен Балкан, чија цел е да се промовира дигиталната трансформација во четирите области од повеќегодишниот акциски план од Регионалната економска соработка и од Дигиталната агенда за Западен Балкан, во согласност со дигиталната стратегија на Европската комисија, и истовремено да ја зајакне соработката во оваа област во интерес на граѓаните од регионот.

Денеска, како што информира владината прес-служба, е разгледана и усвоена и Информацијата за извршени преговори за усогласување на Меморандумот за разбирање за регионална интероперабилност и доверливи услуги помеѓу регионот Западен Балкан.

Со овој меморандум треба да се постигне взаемно признавање на квалификуваните доверливи услуги кои ги обезбедуваат давателите на квалификувани доверливи услуги во земјите потписнички, во согласност со националните закони хармонизирани со eIDAS регулативата на Европската Унија.

Освен забрзување на процесот на дигитална трансформација, со препознавањето на доверливите услуги меѓу кои спаѓаат и електронскиот потпис, електронскиот печат, електронските временски жигови и се отвораат можноста за взаемно признавање на електронски документи издадени од јавните администрации.

Двата меморандума, Меморандумот за разбирање за 5G патоказ за дигитална трансформација во регионот на Западен Балкан и Меморандумот за разбирање за регионална интероперабилност и доверливи услуги помеѓу земјите од регионот, како што соопштува Владата, ќе бидат потпишани на Дигиталниот самит на Западен Балкан кој оваа година ќе се одржи на 2 ноември во Тирана.

Слични содржини