Владата за плата од 24 илјади денари ќе ангажира невработени лица за справување со пожарите

од Nikola Popovski
508 прегледи

Владата ќе ангажира невработени лица кои ќе помагаат во справување со пожарите. Програмата се спроведува за првпат и ќе значи зачувување на природата, велат оттаму.

-Мерката предвидува вклучување на 400 невработени лица кои ќе бидат ангажирани во јавни работи, со фокус на создавање на противпожарни појаси и други активности за спречување и намалување. Секој ангажиран учесник ќе добива месечна финансиска поддршка од 24 илјади денари. Сите оние кои што ќе покажат особен интерес и посветеност по одржувањето на оваа мерка, ќе бидат трајно ангажирање во институциите кои се надлежни за оваа работа, изјави денеска портпаролката на Владата, Марија Митева.

Според Митева, пријавувањето на лицата ќе биде преку јавен повик, објавен од општините. Допрва ќе се утврдува на кој начин ќе биде проверена физичката активност на пријавените лица.

Со мерката се опфатени 14 општини кои имаат територијални противпожарни единици. Струмица и Кочани не поднеле апликација.