Владата ќе побара помош од Брисел за решавање на проблемот со кучињата скитници. Ова денеска го најави премиерот Димитар Ковачевски.
-Тоа е голем проблем во урбанити средини. Сведоци сме на голем број нападнати граѓани и тоа исклучителна надлежност на општините. Не се работи за сила, туку се работи дали градоначалниците имаат фокус, посветеност и волја за да се справат со проблемите кои им ги довериле граѓаните. Јас разговарав со министерот за земјоделство, при следната посета на Брисел со соодветните сектори да разговараме за одредена соработка преку ИПАРД-програмите и доколку може да се направи некој модел на одреден стационар кој што ќе биде на некаков државен проект, иако не е ингеренција на државата, со цел да можеме да им помогнеме на граѓаните и на општините во справувањето со овој проблем. Гледам дека градоначалниците воопшто не се занимаваат со него, како што впрочем не се занимаваат со многу работи кои им се во надлежност. Ќе мора да почнат да работат, кажа Ковачевски како одговор на новинарско прашање во врска со справувањето со проблемот со бездомните кучиња.