„Тоа што ќе се случи на локалните избори во Македонија е убедлива победа за премиерот Христијан Мицкоски против опозицијата“ – вакво е мислењето на бугарскиот аналитичар Владимир Владимиров за политичката сцена во Македонија.
Тој во интервју за „БНР“ истакнал дека на локалните избори, владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ ќе ја потврди својата победа која ја постигна на парламентарните избори.
-Ќе освои најмалку 80% од општините, да не кажам 90. СДСМ целосно ќе го изгуби легитимитетот и не знам дали воопшто ќе се постои како партија, дали ќе продолжи да постои во оваа форма. Она што ќе се случи во Македонија по локалните избори е продлабочување на урбанизацијата на земјата“, предвидува Владимиров.
Аналитичарот верува дека ќе има продлабочување на проблемите меѓу Бугарија и Македонија. Според него, ова ќе има негативно влијание и врз европската интеграција на нашата држава:
„Не сум оптимист за иднината на С.Македонија. Мораме со посебно внимание да го следиме моментот кога Албанија ќе стане членка на ЕУ.“
Владимиров зборувал и за случајот со изгорената дискотека во Кочани. Тој ја истакнал помошта од Бугарија. Според него, и покрај политичките пораки и начинот на кој се однесуваат политичарите од двете страни, сè уште постои чувство на пријателство, сродство и емпатија меѓу луѓето.
Аналитичарот се плаши дека истрагата нема да стигне до високите ешалони на власта и, како што вели, таму каде што се генерира корупцијата.
„Луѓето во РСМ се исплашени. Владата успеа да ја спречи можноста за масовен протест преку неформални канали“, коментирал бугарскиот аналитичар.
Според него, како што вели, македонското општество е во состојба на аномија:
„Ова е состојбата во која се наоѓа човекот пред да изврши самоубиство – сите општествени врски се прекинати, нема емпатија, нема симпатии, нема позитивни чувства, нема чувство за заедница. Овие тажни родители со фотографиите од своите деца не добија поддршка дури ни од своите сограѓани, дури ни од своите соседи, од страв да не ги изгубат работните места, од страв за својот развој. Стравот ја зафати Македонија, тој е невидлив, не е толку опиплив, но сите знаат дека ако се појават на улица со овие луѓе, можат да ја изгубат работата…“, оценува Владимиров за состојбите во Македонија.