Слободата на медиумите во светот е полоша од кога било досега, покажува најновото глобално рангирање објавено од „Репортери без граници“ во петокот, во кое се наведува дека известувањето е најслободно во Европа, пренесуваат светските новински агенции.
„Глобалната состојба со слободата на известување во 2025 година е на најниско ниво досега“, наведува организацијата во својата анализа. „Повеќе од половина од светското население живее во земји со „многу сериозна“ ситуација. Европа останува регионот во светот каде што новинарите можат најслободно да известуваат“, соопшти групата за човекови права.
За Македонија која е на 42-то место и бележи пад од 6 места во споредба со минатата година, се вели дека „владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“.
„Иако новинарите не работат во непријателска средина, широко распространетата дезинформација и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади“, наведуваат од „Репортери без граници“ за општата оценка во Македонија.
РБГ предупреди за „алармантната деградација на слободата на известување“ во Соединетите Американски Држави под водство на претседателот Доналд Трамп, како и за „невидените“ тешкотии за независните новинари ширум светот.
Норвешка останува лидер и пример за углед на глобално ниво, по што следат Естонија и Холандија. На дното од рангирањето се Кина, Северна Кореја и Еритреја, на места од 178-мо до 180-то место.
Во регионот Србија бележи раст на индексот за две места (96/98), Црна Гора раст за три места (40/37), Босна и Херцеговина бележи пад од 5 места (81/86), Косово пад од 24 места (75/99), Албанија бележи раст од 19 места (99/80), Бугарија има пад од 11 места (59/70), a Грција со раст од едно место (88/89).
Ситуацијата беше оценета како „добра“ само во седум земји, од кои сите се наоѓаат во Европа.
„Покрај кревката безбедносна ситуација и растечкиот авторитаризам, економскиот притисок предизвикува проблеми за медиумите ширум светот“, соопштија од „Репортери без граници“.
„Глобално, „повеќе од половина од светското население сега живее во земји каде што ја категоризираме ситуацијата со слободата на медиумите како многу сериозна“, изјави Ања Остерхаус, генерален директор на РБГ. „Независното новинарство е трн во окото на автократите“, додаде таа.