Предлогот за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски од Министерството за правда денеска се очекува да биде разгледан на владина седница. Мислењето ќе се достави во Советот на јавни обвинители, кој треба да донесе одлука. Доколку не го разреши Советот, процедурата ќе продолжи во законодавниот дом.
„Како влада ќе продолжиме да преземаме активности кои се во насока на подобрување на функционирањето на правосудниот систем“, информираа од прес службата на владата.
Министерството за правда верува дека Коцевски треба да биде разрешен заради, како што наведуваат, низа скандали, нарушена функционалност, корупција и нарушени меѓучовечки односи во Јавното обвинителството. Имало и сомнежи за пристрасно постапување и судир на интереси во предмети за кои тој не се изземал.
По одлуката во Владата, во рок од 15 дена Советот на јавни обвинители ќе треба да даде мислење по образложените причини од страна на Владата за Коцевски да биде разрешен од функцијата. Според министерот за правда и доколку се изјаснат негативно, процедурата ќе продолжи во Собранието. Дали ќе си замине од функцијата ќе одлучуваат пратениците.
Владата на 11 февруари 2025 година донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител.
-Јасно кажа Владата. Имаше доволно можност да се размавне и да се покаже како бескомпромисен борец за правдата и против оние случаи каде што има основано сомнение за криминал. Очигледно дека барањето изговори и купувањето време се нечија карактерка особина, изјави неодамна премиерот Христијан Мицкоски за Коцевски. За жал, истакна премиерот, таа доверба не ја оправда и сега Владата отпочнува процес.
-Тој процес е започнат во Собранието и ќе заврши во Собранието. Чесно и доблесно би било сам да се повлече, за да го скратиме периодот и да избереме обвинител кој ќе биде бескомпромисен борец против криминалот и корупцијата во Македонија, рече Мицкоски при посетата на општина Кавадарци.
Според Коцевски, одлуката била донесена поради наводната незаконитост во изборот на раководител, што, како што истакнува, не е точно.
-Од она што имав прилика да го прочитам во медиумите, причина за одлуката на Владата беше тоа што изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје бил наводно незаконски, напиша Коцевски во писмо до медиумите. Тој додаде дека верува дека Владата не ги имала на располагање сите релевантни и точни информации за да донесе ваква одлука.
Коцевски објасни дека распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје, кој беше донесен од обвинителот Хајрулахи, важел до крајот на 2024 година, а лицата назначени за негови заменици имале статус до истекот на овој распоред. Сепак, распоредот за 2025 година, кој бил донесен од обвинителот Цветановски, не можел да произведе правно дејство, бидејќи Цветановски во тој момент не бил ниту заменик, ниту шеф на обвинителството.
Според Законот за јавно обвинителство за јавен обвинител на Република Северна Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право. Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието.