Комисијата за трнспорт, врски и екологија, денеска во Собрание организираше јавна расправа за Предлог-законот за информативни и реклами кампањи на јавните институции, на која освен пратеници, учествуваа претставници на Здружението на новинарите и на медиумите.
Претстедателот на ЗНМ, Насер Селмани силно се спротивстави на идејата за донесување на законот, кој е противуставен и ја суспендира слободата на медиумите, без која не може да функционира ниту едно демократско општество.
Селмани повтори дека законот ќе ги легализира и проширува коруптивните односи меѓу власта и сопствениците на медиумите.
„Во 2013 при медиумски пазар од 20 милиони евра, владата учествувала со 7 милиони, со што владата учествува со над 30 посто во финансирањето на медиумите. Познато е дека оној што ги финансира медиумите и ги контролира. Намерата е јасна да ги претвори медиумите во огласна табла на владата и да ја убие секоја критика во медиумите“, рече Селмани.
Тој истакна дека објавените прислушувани разговори недвосмислено ја потврдиле поврзаноста меѓу владините реклами и упадот на власта во уредувачката политика на медиумите.
Според него, владините реклами немаат никаков јавен интерес, туку претставуваат чиста партиска пропаганда на владеачките партии. Тој потсети дека самите министри отворено зборат дека со рекламите владата морала да се обрати на нејзиниот електорат и да се фалат за нејзините успеси.
„Што е работата на министер за здравство ако не да гради болници, да ги опремува болниците, просто да ги подобри здравствените услуги на граѓаните. По таа логика и Собранието треба да има медиумски кампањи и да се фали за донесените закони, или лекарите да се фалата дека лекуваат болни. Ова споредба ја правам за да покажам до кој апсурд се отидени работите“, подвлече Селмани.
Тој потврди дека и владата на САД има медиумски кампањи за привлекување регрути за војската, но, на претседателот Обама не му паѓа на памет да организира медиумски кампањи за да ја фали здравствената реформа „Obama Care“.
Место владини реклами, ЗНМ се залага за субвенционирање на медиуми, со кои владата ќе финансира производство на медиумска содржина од јавен интерес.