Власта го повлекува предлог измените на Законот за надворешни работи со кои се предвидува амбасадор освен македонско, да може да има и друго државјанство.
Во образложението за повлекувањето на предлог законот што го поднесоа пратеници на СДСМ, ДУИ и БЕСА, се вели дека власта нема да дозволи опозицијата да прави театар во Собранието, откако од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе го блокираат неговото донесување со поднесување 300 амандмани.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милшоски, кој е претседател на собраниската Комсиија за надворешна политика и поранешен шеф на дипломатијата, најавувајќи ја „амандманската блокада“, вчера оцени предложената измена е произволна и претставува обид законот да се прилагоди на неколку персонални решенија на владините партнери за пополнување на амбасадорски позиции. Смета дека измените се спротивни и на Законот за класифицирани информации според кој неопходен предуслов за кандидатот за амбасадор да добие „безбедносен сертификат со степен државна тајна” е да не е државјанин и на друга држава, а амбасадор без безбедносен сертификат не е амбасадор.
Од СДСМ обвинија дека за време на мандатот ВМРО-ДПМНЕ испраќале амбасадори кои имале двојни државјанства што е спротивно на закон.
– Го правеле тоа со безобзирно прекршување на Законот за надворешни работи. За тоа многу добро знае претседателот на собраниската комисија за надворешни работи од ВМРО-ДПМНЕ, соопштија од СДСМ.