Власта и опозицијата се обвинуваат за извештајот на ЕК, кој ќе понесе одговорност?

од Nikola Popovski
509 прегледи

Неизвесни се европските интеграции на Македонија ако се знае дека се уште нема никакви новости околу евентуалното гласање на уставните измени. Во периодот после извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, стигна и изјавата на еврокомесарот Оливер Вархеји кој вчера истакна дека Албанија како „земја која преговара за членство продолжува да напредува во реформите поврзани со ЕУ“. Исто така нагласи дека „целта на Брисел е да ги отворат преговорите со Тирана за членство на првиот кластер до крајот на оваа година“. Тој притоа воопшто не ја спомна нашата земја. Ова изненадува ако се знае дека Македонија е се уште дел од заедничкиот пакет со нашиот западен сосед на патот кон полноправно членство во ЕУ и за кој од ЕУ до неодамна тврдеа дека нема да се раздели.

Дел од јавноста смета дека земјава нема обврска постојано да оди рака под рака со Албанија. Според новинарот и граѓански активист, Зоран Бојаровски ваквата ситуација „ја остава Македонија таму каде што сами си се сместивме благодарение на антимакедонското делување на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата во однос на евроинтеграциите“.

Зоран Бојаровски

-Но, мое мислење е дека тоа и не е ништо страшно затоа што, во принцип, нема никакви ниту политички, ниту процедурални обврски нашата земја секогаш и постојано да оди рака по рака со Албанија во овој процес, вели Бојаровски за „Локално“.

Според него, пострашно е што „заради партиското слепило на ВМРО-ДПМНЕ може да се најдеме во позиција на која предупредуваа и Владата, и меѓународните партнери и проевропската јавност во земјата дека единствени кочничари во овој процес сме самите ние, односно најпрецизно – ВМРО-ДПМНЕ“.

-Се тенчи надежта, но еве, да оставиме уште малку простор дека кај опозицијата ќе превладее разумот и дека ќе ги прифатат амандманите за уставни измени. Во спротивно, ќе треба да се соочат и тоа ќе треба постојано да им се става како нивна заслуга, дека ќе ги оддолжат процесот и ќе не соочат со голема неизвесност зашто заради нивното однесување ќе го пропуштиме геостратегискиот момент кога сите велат дека до 2030 треба да се случи следното проширување на ЕУ, истакнува Бојаровски.

За кочењето на реформите според извештајот на ЕК и меѓусебните обвинувања од двете најголеми партии, соговорникот вели дека можат да се најдат причини на двете страни, но сепак, блокадата на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, на кое што укажа и ЕК во извештајот, е главната причина за оваа ситуација.

-Доколку не беше тоа, Извештајот можеше да биде многу поповолен, иако тој не укажува на назадување, како што сака да прикаже опозицијата и некои медиуми и аналитичари, туку стагнација. Инаку, јас сум застапник на тезата дека е апсолутно можно да се спроведуваат реформи паралелно со прицесот на евроинтеграција низ преговори, но за тоа е потребно национален консензус кога станува збор за националните интереси каков што е членството во ЕУ, а не блокади заради ситни партиски и лидерски интереси какви што прави ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, порачува Бојаровски.

Новинарот не смета дека е загрозена безбедноста на земјава ако не се изгласаат уставните измени, иако вели треба да се земе предвид ставот на албанските партии во земјава затоа што за евроинтеграцијата на нашата земја кај Албанците во Македонија отсекогаш потсоел континуиран и единствен конзензус околу ова прашање.

-За жал, како што напишав во претходниот одговор, кај Македонците има повремени флуктуации околу ова прашање во зависност од тоа кога опозицијата го користи прашањето за сопствени партиски интереси и се коцка со стратешкитеб интереси на земјата, порачува соговорникот.

Без разлика што до 2030 има уште 6 години, вели Бојаровски за евентуалниот наш прием во ЕУ, тоа е доволно време да се направи пресврт и да се постигне целта во овој рок, иако и понатаму останува многу поважно да се спроведат реформите реално и во практика, а не да се брка некаков датум. Сепак според него, геостратешкиот момент е голема шанса која ќе биде непростливо да ја пропуштиме.

-Од друга страна, треба да се има предвид дека кога ќе почне официјалната предизборна кампања се’ ќе биде фокусирано на изборите и евроинтеграцијата ќе падне во втор или трета план, зашто веднаш после изборите ќе се влезе во процес на формирање на влада кој исто така може да донесе неизвеност и во однос на времето до нејзино конституирање. Додека да се консолидираме заради исгубеното време, 2030 ќе станува се’ подалечна. Токму затоа треба да се направат сите напори, до последен, да се прифатат уставните измени, да се одржи втората Меѓувладина конференција и да почне отворањето на кластерите. Со такви чисти позиции во однос на овој процес ќе биде многу поолесно да се оди на избори без посериозно да се загрози континуитетот на преговорите, оценува Бојаровски.

Од друга страна, колумнистот и аналитичар Александар Ристевски смета дека задачата на комесарот Вархеји е да го тера процесот. Во разговор за „Локално“ вели дека во реалноста, Албанија се соочува со потенцијална блокада од страна на Грција.

Александар Ристевски

-Околу раздвојувањето, претходно Македонија беше таа која беше напред, па бевме подзастанати да ја почекаме Албанија да ни се приклучи. Претходно бевме и пред Хрватска, па гледаме каде е таа, каде сме ние. Очигледно не е прашање на нашата волја за интеграција, туку намерата на поголемите да бидеме интегрирани. Освен одредени таксативни изјави, се нема впечаток дека желбата на ЕУ е да се забрза нашата интеграција. Попрво делува дека бараат да се затворат одредени меѓу соседски теми, без да се земе во предвид колку тие отстапки нам ни прават проблем на подол период, и колку ја влошуваат состојбата, наместо да ја релаксираат. Едноставно, се води лоша медијација на процесот, паушална. Се игра на карта на попустливоста за сите надворешно политички теми на оваа структура, не земајќи во предвид дека се поларизира народот, и дека состојбите со источниот сосед во ситуацијава на катастрофално ниво, како никогаш до сега, објаснува Ристевски.

Околу тоа кај кого е вината по извештајот на ЕК, аналитичарот вели дека над 90 отсто од вината е на грбот на ДУИ и СДСМ, заедно со ротирачките сателити во власта. Според него, ппозициската ВМРО ДПМНЕ го прави тоа што го мора, го слуша гласот на народот и на своето членство.

-Патем, фарса е да се зборува за некакви реформи, кога истите власта ги прави фиктивно. На дневна основа гледаме афери кои не се процесуираат, кои се забошотуваат, и не само во вториот и третиот ешалон, туку и меѓу носителите на највисоките државни функции. За какви тогаш реформи зборуваме, кога никој не сноси одговорност за ништо, и се‘ се релативизира? Доколку само погледнете за кои теми и закон се користеше до сега „европското знаменце“ ќе сфатите и самите дека реформи нема. Одговорноста е кај централната власт, и таа ќе ја плати политичката цена за неуспехот, оценува тој.

Соговорникот не смета дека е загрозена безбедноста на државата поради неусвојувањето на уставните измени.

-Дефинитивно не верувам во загрозување на безбедност, а доколку ја има во било која форма, тоа би било дебакл за земја членка на НАТО. Сами гледаме што им се случува и како завршуваат оние кои се обидуваат да ја загрозат безбедноста на НАТО земји, без оглед дали е тоа од внатре или од надвор. Мислам дека сите оние кои мислат дека ќе освојат или задржат власт по насилен пат, дека не се во тек со некои работи, и дека таквите лошо ќе завршат. Се додека политика ја гледаме низ некакви етнички табори, напред нема да одиме. Политиката и партиите ќе мора да се испрофилираат врз база на идеологија. Самиот факт дека партиите на македонските албанци не членуваат во ниту едно друштво на европски партии, говори за нивната недефинирана идеолошка определба. Самото тоа што се „шлепаат“ меѓународно преку ВМРО ДПМНЕ и СДСМ говори за тоа дека ќе мораат да се профилираат идеолошки, и да исполнат одредени стандарди, а да излезат од матрицата на табори кои се борат за „дел од колачот“ на власта. Еве, ДУИ се обидуваат да станат „Зелени“. Да видиме дали тоа кај европските „Зелени“ ќе пројде, ни рече Ристевски.

Смета дека 2030 година како датум за влез во ЕУ е само нереален сон.

-Прво, не верувам дека било кој повеќе од Западен Балкан ќе влезе на принципот „еден по еден“. Убеден сум дека ако било кога има проширување, ќе влеземе сите шест заедно, на купче (Македонија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина).

Второ, мислам дека ЕУ нема да не прими додека самата не се реформира, и дека и да не прими, тоа нема да биде со целосни права  како и другите, туку во некаква своевидна „втора лига“, со ограничувања. Самата 2030 е одлична идеја, но според мене, за жал, нереален сон. Не верувам дека во следните 6 години нешто драстично ќе се смени.

Трето, не верувам на изјави на евро дипломатите во период кога нив им претстојат избори. Ситуацијата ќе биде многу појасна по летото 2024 година, поточно од есен, и кога ние ќе имаме нова Влада и Претседател на државата, и кога ќе бидат појасни состојбите кој ќе ја води Европската унија следните години, ги набројува аналитичарот причините.

Како што посочува Брз прием доколку има ќе биде повеќе од очигледно на терен во целиот регион, но тогаш одредени политички одлуки ќе бидат второстепени.

-Ударно ќе се работи на инфраструктура, владеење на правото, борбата со корупцијата, реформите на образование, здравство, социјала, земјоделие, но и децентрализацијата и прекуграничната соработка, објаснува Ристевски.

Н.П.

Слични содржини