Премиерот Христијан Мицкоски повтори дека уставни измени нема да има сè додека не се исполнат најмалку два услови: загарантирани права за македонската заедница во Бугарија и јасна гаранција од Европскиот совет дека тоа ќе биде последната отстапка, без нови билатерални вета и опструкции од субјективни причини. Од собраниската говорница, Мицкоски побара поддршка од сите политички субјекти за донесување заедничка резолуција со единствен државнички став.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговори на пратеничко прашање дека нема да дозволи да се загрози безбедноста во кој било град преку реорганизација на внатрешните структури на МВР. Тој нагласи дека во изминатите речиси две години безбедноста е подобрена и дека до Владата сè уште не е доставена нова систематизација.
Опозициската СДСМ упати забелешка до дел од владините министри за нерегуларно присуство на седниците за пратенички прашања, оценувајќи дека е недозволиво извршната власт да го уредува начинот на работа на законодавниот дом.