СДСМ оценува дека се случува „тотално фијаско на владините политики“ во економијата. Според партијата во опозиција, цените продолжуваат да растат, граѓаните имаат се помалку пари и едвај врзуваат крај со крај. Додаваат дека мерките со кошничките беа неуспешни.
-Граѓаните беа принудени сами да се организираат и преку бојкот на маркети да кренат глас против високите цени и големите поскапувања. И наместо веднаш да преземе мерки и да ги намали цените Власта на Мицкоски така си ги остава работите, ништо не прави за намалување на цените. Граѓаните се оставени сами. Мицкоски вели ќе разгледувале, ќе правеле анализи, ќе презентирале нешто на наредната седница на Влада, велат од партијата на Венко Филипче.
СДСМ го критикува премиерот дека „троши за една реклама на Фејсбук повеќе од една минимална плата си поигрува со народот кој секој ден плаќа поскапо а има помалку“.
-Па 8 месеци поминаа допрва ли ќе разгледува Мицкоски? Нели ветуваше дека ќе се намалат цените? Еве цените не се намалија, се зголемија, неспособноста излезе на виделина. Власта има 6 милијарди евра буџет. Зошто едноставно не ги покачи платите? Што се чека, прашаа од „Бихаќка“.
Откако втора недела по ред се бојкотираше против високите цени во маркетите, Владата најави офанзивни мерки откако ќе го добие извештајот од Пазарниот инспекторат. Но, ќе се чешлаат и аптеки, како и продавници за бела техника. Премиерот Мицкоски ги отфрла тезите дека високите цени се поради повисоките царински давачки.
Додека премиерот вели дека е нарушена довербата меѓу трговците и владата, сепак, се надева дека дијалогот ќе даде плод.
Со шестмесечните контроли на Државниот пазарен инспекторат опфатени добавувачите, производителите и трговците. Во вторник на владина седница треба да се искристализираат идните чекори.
Профитот на осумте најголеми супермаркети во четврток и во петок е намален за 22,12 насто, покажува анализата на УЈП. Но, сепак граѓаните пазареле за 37 проценти повеќе отколку минатиот петок. Ова, според Управата за јавни приходи е поради пензиите и платите кои биле поделени на почеток од месецот. Но, не постои оптимизам дека бојкот ќе ги натера трговците да ги намалат цените, се бара потрајно – системско решение.