„Планот за враќање на Никола Груевски, оркестриран од високи експоненти на ДУИ, е нож во грб на Албанците. Вас на кого Албанците ви веруваа, работевте скришно за да го вратите нивниот најголем непријател. Зошто? За да ја зачувате вашата моќ“, соопштија утрово од коалцијата ВЛЕН.
За враќање на Груевски и амнестија, посочуваат од коалицијата, биле искористени тајните средби, притисокот врз институциите и вмешаноста на високи функционери.
-Но, овој срамен план пропадна и сега Албанците бараат одговори. ВЛЕН нема да молчи. Од Скопје му велиме на Али Ахмети да не се крие во Швајцарија, туку да се врати и даде отчет. Зошто сета оваа љубов кон Груевски? Што имаш ти со тоа? Какви пазарења направивте и што се обидувате да скриете од Албанците?
Албанскиот народ повеќе нема да се залажува. Правдата доаѓа, а вашите игри завршија. Ќе се разоткријат лаги, манипулации и тајни зделки. Албанците ја заслужуваат вистината и ќе ја добијат, стои во партиското соопштение.
Дритон Суљејмани од ВЛЕН на вчерашната прес-конференција нагласи дека за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски од Будимпешта во март во Вила Водно се сретнале претставници на ДУИ, СДСМ и поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски. Како што кажа Суљејмани, Ахмети и ДУИ за да го спроведат својот план за ослободување на Груевски вршеле силен притисок врз Врховниот суд, но тука наидоа на отпорот на претседателката на овој суд Беса Адеми против која подоцна беше покрената иницијатива за разрешување како резултат на непослушност кон наредите.
Лани во октомври, имаше реакција на Демократското движење – партијата на Изет Меџити која дојде откако тогашниот шеф на дипломатијата Бујар Османи во телевизиско интервју рече дека е подобро поранешниот премиер и екс-лидер на ВМРО-ДПМНЕ да биде во Македонија и да се соочи со правдата отколку да се наоѓа во друга држава.
Оваа изјава на Османи наиде на коментари од партијата која сега е дел од владеачката коалиција ВЛЕН. Тогаш Меџити за весникот „Лајм“ рече дека изјавата на Османи е потврда на нивните тврдења дека високи функционери на ДУИ имале комуникација со Груевски во Будимпешта и дека работат на негово враќање во земјава. Во тој контекст, тој јавно праша: „Дали Бујар Османи и другите се подготвуваат да го вратат Никола Груевски во Скопје на 23 октомври на денот на ВМРО?“