ВЛЕН: Дистанцирањето на Беџети е изговор за прикривање на срамна приказна поврзана со враќањето на Груевски

од Nikola Popovski
141 прегледи

„На Блерим Ќосето Беџети сите дела му излегуваат на мегдан! Срамот почна да го обзема, а сега се обидува да го прикрие она што не може да го прикрие со изговори и алиби. Се обидува да се дистанцира, но неговите вистини излегуваат на виделина“, велат од коалицијата ВЛЕН за координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт.

Според владеачката коалиција составена од три партии, албанските граѓани очекуваат ДУИ да одговори, не со алиби, туку со факти.

-Ова дистанцирање на Беџети е промашен театар, изговор за прикривање на една срамна приказна поврзана со враќањето на Никола Груевски. Али, не молчи, излези и кажи им на граѓаните кои биле причините што те поттикнале да се вклучиш со целото твое битие, и со целата уморна екипа што ја водиш само за да го вратиш пријателот Греувски во Скопје. Потсетуваме и на јавната изјава на поранешниот претседател Пендаровски дека некои политички експоненти го консултирале за можната амнестија на Груевски. A одговорот кои се тие експоненти може да го даде само Али Ахмети, порачаа од ВЛЕН преку соопштение.

Беџети вчера демантираше дека поседувал аудио-снимка од наводна тајна средба во претседателската вила.

„Ниту некогаш до мене од страна на некој свиркач или вработен во кабинетот на претседателот на државата е доставен било каков аудио или видео запис ниту пак сум добил некаква информација за било каква средба со политичари на која било разговарано враќање на Никола Груевски. Од тука не сум имал никаква информација или снимка која би можел некому да ја проследам“, порача координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт откако пред три дена беше споменато неговото име околу наводна тајна средба во Вила Водно лани во март, на која велат дека наводно се „ковал“ план за враќањето на екс-премиерот Никола Груевски.

Тој ги демантираше тврдењата и побара извинување од сите телевизии и портали за изнесените клевети и навреди согласно чл.13 и чл. 14 од Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда, како би ја ублажиле, како што вели, штетата која веќе ми ја нанесовте и би го намалиле износот за надомест на штета.

-Нема да дозволам да ми се импутираат невистини и клевети дека сум поседувал и дистрибуирал на неовластено снимани комуникации кои сами по себе се кривично дело, стои меѓу другото во демантот на Беџети.

Пред три дена, ВЛЕН преку соопштение изнесе шокантни детали за тајна средба во Вила Водно на која, како што наведуваат, високи претставници на ДУИ и поранешниот државен врв договарале враќање на осудениот екс-премиер Никола Груевски од Будимпешта. Според соопштението, планот опфаќал две опции: помилување од претседателот Пендаровски или интервенции преку „нивни луѓе“ во судовите.

Слични содржини