ВЛЕН до Минчев: Пукате со ќор-фишеци, Македонците го злоупотребуваат „балансерот“

од Nikola Popovski
732 прегледи

Минчев и Димитриевски уште живеат во сопствените заблуди. Не живееме во 1997, ниту тие се клучен фактор во Владата, велат од коалицијата ВЛЕН како реакција на денешната изјава на министерот за јавна администрација, Горан Минчев во однос на измените на „балансерот“.

Според коалицијата, застапеноста на Албанците во јавната администрација никогаш нема да биде завршено прашање и најмалку ќе зависи од партија како ЗНАМ.

Партиите од албанскиот блок обвинуваат дека „од ЗНАМ пукаат со ќор-фишеци“.

-Ние сметаме дека Балансерот е нефункционално решение кое стана предмет на злоупотреба на Македонците, кои за да се вработат во јавната администрација се пишуваат Албанци. Затоа, неопходен е Закон за правична застапеност кој ќе овозможува Албанците да бидат дел од сите институции врз основа на квалитет, интегритет, стручност, стои во реакцијата на ВЛЕН.

Според Минчев, темата за измените на „балансерот“ е завршена и архивирана и се спроведува. Истакна дека основната заложба е етничкиот предзнак да не биде принцип за вработување. Рече дека со „балансерот“ не сака да ги провоцира партнерите од ВЛЕН.

-Најмалку имам намера да провоцирам еден од нашите коалициски партнери. Еден од принципите на коалицијата е и тоа. Во Законот  за вработени во јавниот сектор, децидно пишува дека алатката „балансер“ се применува за граѓаните кои живеат на територија на Македонија, а тоа е резидентното население. Се надевам дека колегите од ВЛЕН ќе се вразумат и ќе потрошат повеќе внимание на читање на постоечките закони, а нема да се занимаваат со дневно-политички теми, додаде Минчев.

Новите пресметките на „балансерот, според кој правичната застапеност во институциите се пресметува водејќи се од процентот на резидентното население во државата од пописот од 2021 година, а не како досега според процентот на етничка припадност на вкупно попишаното население, ги раскара владините партнери. Претходно имаше обвинувања и околу употребата на албанското знаме во просториите на Владата, од страна на вицепремиерот Изет Меџити.

Слични содржини