ВЛЕН: „Европскиот фронт“ никогаш не бил заинтересиран за поранешните војници на ОВК

од Nikola Popovski
97 прегледи

Како коалиција ВЛЕН сме во постојан контакт со косовската амбасада за да се реши предметниот случај, соопштија од владеачката коалиција во однос на апсењето на поранешниот член на ОВК, Блерим Рамадани откако за него имало активна мерка „апси“ по потерницата од Република Србија.

Од ВЛЕН ѝ порачаа на коалицијата „Европски фронт“ дека треба да направат една ретроспектива на минатото, односно дека, како што велат, никогаш не биле заинтересирани за поранешните војници на ОВК.

Ваквата реакција следува откако пратеничката група на коалицијата „Европски фронт“, предводени од партијата ДУИ, порачаа дека Владата станува марионета на Србија.

„Сè уште на вознемирениот Балкан и во регионот немаме мир меѓу населението и некој сака да се бунтува и да прави глупости. Вие сте сведок на тоа што е сега оваа власт, која за жал ја игра играта на другите и станува пион на други и пион на Србија. За жал, тие спроведуваат некои работи кои би можеле да се поминат со елеганција и војниците на ОВК да можат слободно да се движат низ Македонија. Но, ова е влада која е докажана и се додека ние имаме министер кој е поддржувач на Путин и министер кој не прифаќа независно Косово, вакви работи ќе ни се случуваат“, рече пратеникот на ДУИ, Садула Дураку на албански јазик.

МВР денес го потврди апсењето на поранешниот припадник на ОВК, по потерница на Интерпол Србија.

Како што е наведено, во среда во 16 часот на граничниот премин со Косово „Јажинце“, на влез во Македонија, полицајците го лишеле од слобода Б.Р. (47) од Косово бидејќи при пасошка контрола и проверки било констатирано дека е заведен во службената евиденција со активна мерка „апси“.

Се додава дека тој е предаден на полициските службеници при СВР Тетово за понатамошно постапување.

Слични содржини