Данела Арсовска не е сама. Таа не е изолиран феномен, туку производ и продолжение на стар систем, на еден режим кој сè уште дише преку своите сенки, преку своите директори, советници и сојузници. Функционерите на ДУИ се дел од тој систем. ДУИ е дел од градската власт на сите нивоа. ДУИ има одговорност зошто дозволила и по втор пат поставување на споменикот на Андон Ќосето, обвинија денеска од ВЛЕН за поставувањето на споменикот кај кружниот тек кај хотелот „Континентал“.
Според ВЛЕН, поставувањето на споменикот на Ќосето не е случајна, ниту изолирана грешка — тоа е, како што велат, продолжение на политиките кои го разделуваат, навредуваат и понижуваат Скопје како мултиетнички и модерен град.
-Да не заборавиме, првото поставување на овој споменик беше во време кога Никола Груевски беше премиер, а Блерим Беџети и Бујар Османи беа негови министри, послушни, лојални, и неми на секој чекор кој значеше провокација за другите етнички заедници. Вчера, Никола Груевски не издржа и јавно се пофали со споменикот и си ја честиташе сопствената политичка визија. Тоа не е случајно. Тоа е доказ дека денешната градска власт, предводена од Данела Арсовска, е продолжена рака на истата идеолошка линија, на истиот режим, во кој режим ДУИ секогаш е дел и секогаш молчи, кажа членот на ВЛЕН, Мухамед Елмази.
Тој јавно ги повикуа сите директори и функционери на ДУИ во Град Скопје да поднесат оставка, порачувајќи им да „не си играат со чувствата на народот за три месеци власт“, бидејќи, според него, „таа власт веќе заврши“.