ВЛЕН: Коридорот 8 не е само автопат туку столб на економскиот развој

Автопатот Кичево-Охрид како дел од Коридорот 8 го скратува времето на патување до границата со Албанија, велат од ВЛЕН

од Nikola Popovski
11 прегледи

Коалицијата ВЛЕН соопшти дека еден по еден, проблемите можат да се решат, треба да се решат и ќе се решат. Според нив, тоа е ангажманот на ВЛЕН, а овој ангажман, како што велат, доби конкретна форма со пуштањето во употреба на дел од автопатот Кичево–Охрид, како дел од Коридорот 8, еден од најстратешките проекти за развој на државата.

„Овој капитален проект, кој со години стагнираше и стана симбол на институционална неспособност и сомнежи за злоупотреби, денес конечно се движи напред – со ново темпо, без сомнежи, без застои и со целосна транспарентност, затоа што сега ВЛЕН е на власт. Коридорот 8 не е само автопат. Тој е столб на економскиот развој, регионалното поврзување и европската интеграција на Република Северна Македонија. Тој директно ќе придонесе за зголемување на протокот на луѓе и стоки, олеснување на транспортот и поттикнување на туризмот и трговијата“, порачуваат од коалицијата составена од неколку партии.

Оттаму велат дека со овој нов автопатски сегмент, кој значително го скратува времето на патување до границата со Република Албанија, инвестицијата се претвора во конкретна придобивка за граѓаните.

„Зашто нашите граѓани, сите ние, заслужуваме, и ќе имаме, европска инфраструктура, тука, во нашата земја. ВЛЕН останува цврсто посветен на унапредување на секој важен проект, обезбедувајќи ефикасност, одговорност и правична распределба на развојот – за сите граѓани, во секој дел од државата“, стои во соопштението од здружената коалиција.

Слични содржини