ВЛЕН: „One Stop Shop“ на Табановце – олеснување за дијаспората

од Nikola Popovski
28 прегледи

Коалицијата ВЛЕН го поздравува усвојувањето на законската рамка од страна на Собранието, со која во пресрет на сезоната на летни одмори, се става во функција системот “One Stop Shop” на граничниот премин Табановце. Оваа иницијатива, велат оттаму, претставува значаен напредок во модернизацијата и подобрувањето на граничните процедури за граѓаните, особено за дијаспората, која со децении се соочува со долги чекања и бројни тешкотии при преминувањето на границата.

-По успешното искуство на граничните премини Блаце и Јажинце, проширувањето на овој модел на Табановце е доказ за посветеноста на владата да донесе ефикасност и достоинствен третман кон граѓаните, претворајќи го граничниот премин од мачен процес во едноставна и брза постапка.

Државата и институциите имаат обврска да им служат на граѓаните, а не да им го отежнуваат животот со бирократски процедури и непотребно чекање. ВЛЕН, како политичка сила што ја промовираше оваа реформа, е посветена на континуирано подобрување на квалитетот на јавните услуги и враќање на довербата на граѓаните во државата, посочуваат од коалицијата од неколку партии.

ВЛЕН наведува дека моделот „One Stop Shop“ е повеќе од само административна постапка – тој претставува нова визија за администрацијата, која им дава на граѓаните почит и вредност што ја заслужуваат, особено на нашата дијаспора, која игра суштинска улога во економскиот и социјалниот развој на земјата.

-ВЛЕН ќе продолжи со посветеност по патот на конкретни реформи, кои директно влијаат на животите на граѓаните, со цел фер, транспарентна држава со квалитетни услуги. Им посакуваме добредојде на дијаспората во нивната татковина и сме решени да го направиме преминувањето на границите полесно, побрзо и достоинствено, стои во соопштението.

Слични содржини