Коалицијата ВЛЕН вечерва на прес-конференција порача дека се апсолутни победници во албанскиот блок. Сепак се пожалија дека изборниот процес не бил демократски. Според нив, државните институции се ставиле во служба на ДУИ.
-Забележани се функционери на терен и имаме документи за овие настани од изборите. За насилството врз гласачкото право ќе се одговара. Околу бојкотот на ДУИ, тие го покажаа вистинското лице – маските паднаа. Со бојкотот, ДУИ се обиде да го врати политичкото организирање на Албанците на претполитичко ниво. Партијата која излезе под името Европски фронт и која 22 години се фалеше како единствен субјект на Албанците, денеска го бојкотираше изборниот процес. Јавно го прашуваме Бујар Османи како ќе го оправда бојкотот на изборите пред меѓународниот партнери, изјави Изет Меџити од Демократското движење.
Според него, со денешниот ден, лидерот на ДУИ, Али Ахмети ја запечати својата изолација од сите чинители во државата, како и меѓународните фактори.