ВЛЕН: Скандалозни и незаконски набавки во МНР за време на Османи

ВЛЕН: Документите до кои дојдовме јасно укажуваат на сомнителни, незаконски и астрономски скапи набавки при организацијата на министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, во декември 2023

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Принтскрин

Соминтелни, незаконски и астрономски скапи набавки правел МНР за време на Бујар Османи. Денес сме овде да ја изнесеме вистината за новиот скандал поврзан со Министерството за надворешни работи и поранешниот министер Бујар Османи. Документите до кои дојдовме јасно укажуваат на сомнителни, незаконски и астрономски скапи набавки при организацијата на министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје, во декември 2023 година, се вели во соопштението од прес-конференцијата на Арбер Кадриу од ВЛЕН.

Според владеачката коалиција, Министерството за надворешни работи склучило договор вреден 56.640.000 денари за изнајмување возила за дводневна конференција. Велат дека во договорот, намерно или свесно, не било предвидено внатрешно контролно тело кое ќе потврди колку возила навистина биле користени, кој тип возила бил ангажиран и колку денови.

-Ова отвора сомнежи за класичен модел на злоупотреба и корупција. Според документите, цените за изнајмување на возила биле:
• VIP автомобил: 29.000 денари на ден (без ДДВ)
• Возило од средна класа: 23.000 денари на ден (без ДДВ)
• Миниван 8+1: 19.200 денари на ден (без ДДВ)

Да споредиме: само еден месец претходно, МНР склучило друг договор со истиот оператор за редовни потреби на Министерството. Таму, истиот тип VIP автомобил чинел само 9.500 денари со возач, што е три пати пониска цена од цената што Бујар Османи ја одобрил за конференцијата.

Ова е скандалозна злоупотреба – државата плаќала трипати поскапо за исти возила, од истата компанија, во исто време! Не станува збор за политички напад. Граѓаните мора да знаат какви се политичарите кои лажно им се претставуваат за безгрешни. Државниот завод за ревизија веќе има нотирано сериозни неправилности во работењето на МНР под водство на Бујар Османи и предметите се доставени до Јавното обвинителство, тврдат од ВЛЕН.

Според коалицијата составена од неколку партии ова е јасен доказ дека не станува збор за административни грешки, туку за системска корупција на највисоко ниво.

-Имаме неколку прашања до Бујар Османи: Кој го потврдил бројот на возила и реализацијата на договорот? Зошто цените биле три пати повисоки за исти услуги и од ист оператор? Кој профитирал од ваквите криминални набавки? Бујар Османи мора да даде одговори. Ваквиот начин на работење е класичен пример на политичка корупција, расфрлање и трошење на државни пари за приватни интереси, додаваат од ВЛЕН.