ВЛЕН со реакција до Димитриевски: Да не ја оспорува употребата на албанските идентитетски симболи

од Nikola Popovski
114 прегледи

По изјавата на претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски дека доколку министрите од редовите на ВЛЕН продолжат да го користат албанското знаме во Владата за време на нивните координации, тогаш тие како партија ќе ја напуштат владата, дојде и реакцијата на коалицијата ВЛЕН.

Велат дека предизборната кампања одамна е завршена и дека ваквата реторика никому не му оди во прилог.

-Подобро би било претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, пред да одлучи јавно преку медиумите да коментира, да биде информиран за целта на средбата на првиот вицепремиер Изет Меџити со министрите на ВЛЕН. Оценуваме дека таков е „куќниот ред“ во заедничка влада. Не гледаме ништо непристојно во редовната координација на нашите министри за да се обезбеди ефикасност во спроведувањето на програмските определби. Можеме да ги поканиме и министрите на ЗНАМ на следната координација, да се уверат во тоа што го кажуваме. Што се однесува до албанското знаме, имаме само една порака – не ја оспорувајте употребата на албанските идентитетски симболи, како што не сакате да се оспоруваат македонските идентитетски симболи. Впрочем, заложбите за меѓусебно разбирање и соживот со Албанците не треба да важат само за време на изборните кампањи, реагираат од ВЛЕН.

Димитриевски синоќа предупреди дека неговото движење ќе ја напушти владеачката гарнитура доколку се повтори ситуацијата од минатата недела.

-Ќе реагирам исто како што реагирав и кога новиот претседател на Собранието направи нешто слично. Ова е само тој „ДУИ-наратив“ кој што продолжува во континуитет. Ако продолжи таквиот однос и непочитување…Првично ние не го фативме тој момент од самиот старт, но првпат јавно кажувам дека доколку таквото однесување продолжи, нема да бидеме дел од Владата. Ќе излеземе од Владата, кажа Димитриевски во подкастот на ТВ Канал 5 – „На кавга со Иван“.

Слични содржини