ВЛЕН најостро го осудува враќањето на споменикот на Андон Лазов – Ќосето на новата локација на кружниот тек кај хотел „Континентал“. Според владеачката коалиција, овој чин претставува уште една провокација од страна на, како што велат, „темниот“ сојуз меѓу Данела Арсовска, ДУИ и Левица и е, како што тврдат, обид за уништување на меѓуетничките односи со враќање на поларизирачките и спротивставени теми за кои меѓуетничките општества се чувствителни.
-Темата за Ќосето е повторно отворена во пресрет на кампањата за локалните избори. Дали оваа одлука беше координирана од седиштето на Данела Арсовска во Сарај? Додека градот се дави во ѓубре, а цели семејства, домаќинства и бизниси го доживуваат најжешкото лето во историјата на земјата без вода, Арсовска со своите партнери ДУИ и Левица се занимава со поттикнување меѓуетнички тензии и загрозување на стабилноста.
ВЛЕН ја потсетува јавноста дека споменикот на Ќосето е изграден со пари на Владата во која Бујар Османи и Блерим Беџети беа министри на ДУИ како владин партнер. Овој кукавички чин на градоначалникот во заминување има само една цел: продолжување на дестабилизирачките сценарија и обиди за оспорување на стабилноста на институциите, истакнуваат од коалицијата составена од повеќе партии.
-Со поставувањето на спомен обележјето во чест на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето, оддаваме признание за неговиот неуморен дух и саможртва во борбата за слободна и независна Македонија, стои во соопштението на Град Скопје.
Споменикот беше отстранет од претходникот на сегашната градоначалничка, Петре Шилегов во 2018 година.