Во темната колективна меморија на Албанците во Македонија, 9 и 10 мај 2015 година ќе останат засекогаш како денови на жалост и болка. Во Куманово се одвиваше еден од најтрагичните и најмрачни настани по конфликтот – крвава акција која одзеде човечки животи, уништи домови и остави длабоки рани во душата на албанскиот народ. Но, ни таа трагедија не беше доволна причина за ДУИ да се откаже од власта – се однесуваа како ништо да не се случило. Тоа однесување не е само навреда за жртвите и нивните семејства, туку јасен показател за целосната отсеченост на таа политичка класа од реалноста на обичниот Албанец, порачаа денеска од коалицијата ВЛЕН по повод една деценија од немилите настани во кумановско „Диво насеље“.
Според коалицијата, декадата што помина од тие настани не значи дека албанскиот народ страда од амнезија.
-Сите ние, со голема болка, се сеќаваме на тие мрачни денови – напуштени домови, детски трауми, бегства, солзи и страдања кои не може да се заборават. А сепак, функционерите на партијата која се претставуваше како чувар на албанскиот народ, ДУИ, продолжуваа да се чешлаат, да садат коса, да се потсмеваат во јавни институции, и да глумат „кападаи” додека народот крвави од раните што токму нивната лоша власт ги предизвика.
Настаните во Куманово не се само горчлива страница во нашата историја, туку и јасен доказ за моралниот, политичкиот и институционалниот неуспех на тие што со години ја злоупотребуваа власта во име на Албанците.
ВЛЕН изразува длабоко сочувство кон сите жртви и семејства кои ги изгубија своите најмили во тие црни денови. Воедно, нашата постојана заложба е вистината за 9 и 10 мај никогаш да не избледи, и одговорните за оваа трагедија да се соочат со правдата, стои во партиското соопштение.
Во 28-часовните престрелки, животот го загубија припадниците на безбедносните сили – Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст. Уште 37 припадници на безбедносните сили беа повредени.
Кумановци се сеќаваат на овој исклучително трагичен настан. Престрелките беа со различен интензитет, од одредени места се гледаше густ чад. Безбедносните сили евакуираа жители, влезот од главната улица „Тоде Мендол“ од булеварот „Трета МУБ“ беше дозволен само за полиција, брза помош и противпожарна единица. Дел од сограѓаните од „Диво Насеље“ се евакуираа кај роднини. Полицијата во неколку наврати ги евакуираше жителите.
Пред две години беше откриена спомен-плочата во кругот на СВР Куманово на полициските службеници кои го положија животот во антитерористичката акција во „Диво насеље“ . Претходно, припадниците на безбедносните сили кои учествуваа во вооружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ добија и мурал „Хероите живеат вечно“.