ВЛЕН за интерпелацијата на Гаши: Левица со СДСМ и ДУИ се обидува да посее семе за тензии во општеството

од Nikola Popovski
64 прегледи

Стравот од правна одговорност за политичката корупција ги урива идеолошките бариери. ДУИ и СДСМ се спремни да ја следат Левица доколку ова им изгледа како формула за спас на нивните поранешни функционери. Токму тоа се случува со триномот Левица – СДСМ – ДУИ, се вели во соопштението на ВЛЕН по најавата за денешната интерпелација на собранискиот спикер Африм Гаши.

Од здружената албанска коалиција потенцираат дека „Левица – партија со длабоко анти-НАТО убедување, се обидува заедно со пратениците на СДСМ и ДУИ да сее семе на тензија во општеството, користејќи ја и интерпелацијата против претседателот на Собранието, Африм Гаши, како сегмент во нивното сценарио“.

-Не е чудно што СДСМ, кој до вчера ја уништуваше секоја институција заедно со партнерот во криминалот, ДУИ, сега реши да игра по нотите на Левица, која ги слави комунистичките режими на Енвер Хоџа и Ким Џонг ун. Од друга страна, ДУИ, партијата која го фрла каменот и ја крие раката, ја користи секоја можност да избега од политичката корупција која ја зафати до срж. Овој трином, фатен во спирала на измама, има за цел да создаде опасен и неморален сојуз. Бидејќи знаат дека немаат ништо ново да понудат и дека нивната поддршка е во слободен пад, спасот го бараат во предизвикување кризи, велат од ВЛЕН.

-На крајот, соработката меѓу Левица, СДСМ и ДУИ е доказ дека ниту СДСМ, ниту ДУИ не се евроатлантисти, не се за општество за сите и не ги поддржуваат западните вредности. Тие се само клиентелисти кои сега сакаат по секоја цена да го заштитат своето незаконски стекнато богатство и да избегнат одговорност за грабежот што го направија врз народот. Ова нема да се случи, одговорност мора да има за сите, а ќе се применува без да се прави разлика!“, се додава во соопштението на трите партии од албанскиот блок кои се дел од актуелната власт.

Пратениците од опозициската СДСМ ќе гласаат за отповикување на Гаши, а народните избраници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ се изјаснија дека нема да ја поддржат интерпелацијата.

Иницијативата ја поднесе Левица и како што оттаму велат истата е заснована од седум причини меѓу кои – повреда на секуларноста на државата, скандалот на Меѓународниот аеродром во Скопје со косовската претседателка како и повреда на употребата на македонскиот јазик.

Слични содржини