ВЛЕН за уставните измени: Решението не може да биде еднострано, нема 2/3 мнозинство без пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
154 прегледи

Коалицијата ВЛЕН излезе со соопштение по вчерашните изјави и од нивна страна најавениот рок од шест месеци за уставни измени како чекор кон продолжување на патот кон ЕУ.

-Новата влада, во која коалицијата ВЛЕН е одговорен и активен партнер, е длабоко посветена на европската агенда. Активно работи на достоинствено исполнување на условите кои ќе го динамизираат процесот кон полноправно членство во Европската Унија.

Ние, министрите на ВЛЕН, секогаш ја покажувавме највисоката посветеност на евроинтеграциите, не само со зборови, туку и со дела. Рокот од шест месеци не е само временска рамка, туку обврска што ја разбираме и почитуваме, посочуваат од коалицијата составена од три партии.

Сепак, како што велат, потребно е да се почитува политичката логика и реалност.

-Има ли мнозинство од 2/3 во Собранието без пратеници на ВМРО-ДПМНЕ? Не, нема. Токму тука лежи суштината: интеграцијата бара соработка, разумност и одговорност од сите политички субјекти. ВЛЕН не ги заборава своите обврски, но потсетуваме дека решението не може да биде еднострано.

Владата има јасен план, стратегија и акциски чекори кои секојдневно се преземаат. Нашата поддршка, не само сега, туку и во минатото, ги спаси клучните процеси. Со таков чекор обезбедивме почеток на преговорите со ЕУ.

Апелираме до сите општествени фактори, вклучително и политичките партии, да престанат со политичките манипулации на сметка на евроинтеграциите. Европската иднина се однесува на политиката на дневни пресметки, стои во соопштението од ВЛЕН.

Вчера на истата тема зборуваше и главниот преговарач со ЕУ, министерот Орхан Муртезани. Според него, уставни измени ќе има кога ќе бидеме сигурни дека нема да имаме потенцијално вето од Бугарија и кога ќе изнајдеме решение кое ќе го гарантира завршетокот на овој процес.

Нагласи дека не држи ставот дека новата влада го блокирала патот кон Европската Унија.

-Тоа е како вие да сте ги отвориле сите поглавја и сега ние сме тие што го саботираме овој процес, што не е вистина. Има само разлика во пристапот кој ние го имаме од она што е направено досега. Ние не се служиме со ПР како вие, туку велиме дека ќе се обидеме да изнајдеме решение, рече Муртезани.

Вчера беше запрашан и спикерот Африм Гаши дали пропаѓа преизборното ветување на ВЛЕН за уставни измени до Нова година, на што, тој изјави:

„Не се сеќавам дека тоа беше напишано во програмата. Секако имаше такви изјави. Тоа е комплексно прашање и не зависи од него политички сегмент и елемент. Коалицијата ВЛЕН стојат за тоа и ние, ако дојдат на дневен ред, би ги гласале и денеска. Мислиме дека треба заеднички да се договориме кога тоа е најдобро за државата и сите граѓани. Правиме максимални напори да ги донесеме кога ќе биде најдобро за Македонија и дека имаме предвидливост во процесот, односно да немаме повторно вето“.

Во програмата на ВЛЕН, крајот на 2024 година беше посочен како краен датум за носењето на уставните измени.

Слични содржини