ВЛЕН: Замрзнувањето на балансерот нема да го спречи вработувањето на Албанците во државната управа

од Nikola Popovski
129 прегледи

По одлуката на Уставниот суд за балансерот, реакции од партиите од албанскиот блок. Од коалицијата ВЛЕН ги обвинуваат Зијадин Села и Али Ахмети дека се обидуваат да го прикријат својот пораз. Од ВЛЕН велат дека одлуката на Уставниот суд за замрзнување на Балансерот е потврда дека ДУИ наместо да ги искористи функциите во Владата со СДСМ за систематско решавање на статусот на Албанците, се посветила на грабеж на народните пари и лично збогатување.

„Секојдневно се потврдува дека се што е направено за време на нивниот режим е површно, со популистички побуди и за дневно-политички поени. Уставниот суд, чиј сегашен состав беше изгласан токму со гласовите и влијанието на ДУИ, ја замрзна употребата на Балансерот, што претставува уште еден програмски и кадровски пораз на политиките на ДУИ“.

„Овој факт не може да се сокрие со изговор дека мнозинството Бадентер треба да биде вклучено во Уставниот суд. Коалицијата ВЛЕН јасно кажа дека Балансерот е неефикасен концепт, бидејќи стана алатка за злоупотреба откако Македонците почнаа да се декларираат како Албанци за да се вработат во јавната администрација.

„Затоа подготвуваме закон за правична застапеност, кој со јавна расправа ќе го ставиме на лупа на експертската јавност, за да добиеме ефикасно и одржливо решение кое ќе биде целосно применливо во пракса и ќе овозможи Албанците да се вработат во државна институции, врз основа на професионални вештини, а не поради партиска припадност“, велат од ВЛЕН.

Додаваат и дека замрзнувањето на балансерот нема да го спречи вработувањето на Албанците во органите на државната управа ниту во овој период на правен вакуум, бидејќи како што додаваат, тоа е едно од принципите на Охридскиот рамковен договор и е уставна категорија.

Според поранешниот министер за правда Кренар Лога, македонската политичка елита го користела Собранието за да ги мајоризира Албанците.

-Сега, откако тоа им е оневозможено во законодавниот дом, тие ја префрлија оваа практика во Уставниот суд. За жал, Северна Македонија се лизга по пат кој е докажано фатален за неа, напиша потпретседателот на Алијанса за Албанците и екс-министер за правда, Лога.

Села од опозицискиот „Европски фронт“ смета дека треба да се донесе закон според кој, за сите донесени закони за кои се гласало со Бадентер, Уставниот суд, исто така, да одлучува со Бадентер.

-Одлуката што се донесе вчера во Уставниот суд е резултат на најавата пред две години од страна на сегашниот премиер, а тогашниот лидер на македонската опозиција Христијан Мицкоски, кој уште тогаш изјави дека разговараат за укинување на ‘балансерот’. Нормално дека ние како Алијанса за Албанците нема да седиме без да преземеме мерки. Итно треба да се стави крај еднаш засекогаш на етничкото гласање што се случи вчера во Уставниот суд, бидејќи не може да се укинат закони донесени со Бадентер од страна на некој судија кој е воден од фактот дека припаѓа на одредени етничка заедница. За донесување на овој Закон биле потребни компромиси, дебати и веќе е прифатен од граѓаните, рече пратеникот.

Уставниот суд донесе времена мерка со која прекинуваат вработувањата по етнички клуч во администрацијата. Поведена е постапка за проверка на уставноста на примената на „балансерот“, на иницијатива на Антикорупциската комисија. Со неа се оспорија членови од Законот за вработување во јавниот сектор и Законот за административни службеници, бидејќи се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на национална припадност и достапноста на работни места за сите граѓани.

Одлуката ја донеле шест од девет судии. Не гласале судиите Албанци.

Судот ќе бара објаснување од сите институции кои имаат објавено конкурси и вработувале граѓани според „балансерот“. Ова може да трае и два месеца, по што Судот ќе донесе конечна одлука.

Слични содржини