Иако поголемиот дел од членовите на Републиканската партија му остануваат верни на Доналд Трамп, некои влијателни републиканцивеќе објавија дека ќе гласаат за Хилари Клинтон. Тоа значи дека меѓу републиканците табуто за гласање во поддршка на кандидатот за претседател на демократите е разбиено.
Некои од тие влијателни републиканци објавија дека ќе ја поддржат Клинтон по разжестената полемика меѓу Трамп и Хизар Хан, натурализираниот Американец од пакистанско потекло, чиј син, капетан од копнените сили на САД, беше убиен во Ирак во 2004 година.
Зборовите, кои се сметаат за расистички и кои Трамп му ги упати на Хизар Хан и неговата сопруга, го шокираа сенаторот Џон Меккејн и тој ја повлече својата поддршка за Трамп.
Поранешниот министер за финансии на Џорџ Буш помладиот, Хенк Поулсон, уште во јуни категорично објави дека кога ќе дојдат изборите тој нема да го стави во гласачката кутија името на Трамп, туку ќе гласа за Клинтон, со надеж дека таа ќе умее да ги убеди сите Американци оти треба да се направи неопходното, за да се зацврсти американската економија и местото на САД во светот.
Поранешниот советник за национална безбедност на претседателите Џералд Форд и Џорџ Буш, Брент Скоукрофт, кој е пензиониран генерал од Военото воздухопловство и денес има 91 година, во јуни ја објави намерата да гласа за Клинтон. Според него, таа ја има мудроста и неопходното искуство да раководи со земјата токму во перидот на хаос. Нејзиното искуство како прва дама, сенатор и државен секретар и даваат уникатна визија за земјата, смета овој влијателен републиканец.
Поранешниот помошник државен секретар од времето на Џорџ Буш постариот, Ричард Армитиџ, во интервју за списанието „Политико“ изјави дека ќе гласа за Клинтон, затоа што Трамп не е вистински републиканец и како што изгледа не сака да се запознае со вистинските проблеми на Американците.
Даг Елметс, портпарол на претседателот од времето на Роналд Реган, иако е републиканец одржа моќен говор на Конвенцијата на американските демократи, што се одржа минатиот месец. Пред аудиториумот кох дојде да ја поддржи Хилари Клинтон, тој рече дека Трамп се поврзал со противниците на мигрантите, хомосексуалците и на феминистките, но дека таква не е ситуацијата со повеќето Американци. Токму затоа годинава Елметс првпат во својот живот планира да гласа за демократски кандидат за претседател.
На 3 август, во весникот „Њујорк Тајмс“, влијателната републиканка и шеф на компанијата „Хјулит Пакард“, Мег Витмен, го нарече Трамп безобразен демагог и објави дека ќе гласа за Хилари Клинтон. Таа рече дека ќе побара од своите републикански пријатели да и помогнат на Клинтон и да дадат пари за нејзината кампања. Според Витмен, историјата покажала дека кога демагози ќе победат или претерано близу ќе се доближат до власта, тоа ретко добро завршува.
Еден ден пред тоа, конгресменот од Републиканската партија, Ричард Хана, стана првиот американски републикански пратеник кој изјави дека ќе гласа за Клинтон. Тој рече дека ќе го стори тоа со вербата дека да си добар Американец, кој си ја сака земјата е многу поважно отколку да се придржуваш кон партиските позиции.
Марк Солтир, поранешен советник во кабинетот на Џон Меккејн за време на неговата кандидатура за претседател, преку Твитер на 3 мај исто така објави дека е со Хилари.
– Какви и да се недостатоците на Хилари Клинтон, таа не е откачена, невешта или полна со завист. Таа дејствува како возрасен човек, ги разбира одговорностите на претседателската позиција. Во друг случај, тоа можеби нема да биде доволно, но во 2016, годината во која кампања за каниддат за претседател ја води Трамп, тоа е повеќе од доволно за неа за да победи, напиша тогаш Солтир.
Марија Комела, поранешниот портпарол на републиканскиот гувернер на државата Њу Џерси, Крис Кристи, исто така соопшти дека ќе гласа за Хилари, затоа што не е доволно да се зборува дека си против Трамп, туку дека треба и да се дејствува. Таа ги повика републиканците да не се кријат и да молчат, туку да дејствуваат.
Лери Преслер, поранешен репибликански сенатор од Јужна Дакота, рече дека ќе ја поддржи Клинтон уште дента на масовното убиство во Орландо на 12 јуни. Тогаш тој изјави дека има републиканци кои велат дека нема да гласаат или дека ќе гласаат за канидидат на некоја мала партија, но ако тие не го поддржат демократскиот кандидиат Клинтон, ако решат воопшто да не гласаат или да гласаат за кандидат на некоја мала партија, наместо за Трамп, тоа значи дека ќе го дадат гласот за мрачните сили.
Фигаро – Париз