Воено-медицинската академија (ВМА) во Србија и тамошниот воено-здравствен систем се подготвени за евентуално дополнително сместување на повредените во трагичниот пожар во Кочани, доколку се појави потреба.
Анестезиологот потполковник Горан Рондовиќ од Клиниката за анестезија и интензивно лекување при ВМА потврди дека медицинските тимови биле целосно посветени на оваа задача.
„Сите мои колеги доброволно се пријавија, доброволно учествуваа во транспортот, кој е еден од најсложените облици на транспортирање вакви пациенти. Ако има потреба – стоиме на располагање и подготвени сме повторно да помогнеме,“ изјави Рондовиќ за РТС.
Во моментов, во Србија на лекување се 30 пациенти повредени во пожарот, од кои 12 се згрижени во воени здравствени установи, а останатите се лекуваат во цивилниот здравствен систем.
„Најчести повреди кај овие пациенти се изгорениците предизвикани од висока топлина и оштетувања на дишните патишта поради вдишување на чад. Голем дел од нив биле изложени на екстремни температури во затворен простор, што ја влоши нивната состојба,“ објасни Рондовиќ.
Според него, времето за опоравување на пациентите е неизвесно, но доколку не дојде до компликации, се очекува закрепнувањето да трае најмалку една до две недели.