ВМОРО-КЛИЕНТЕЛИЗМОТ (2)

од Vladimir Zorba
70 прегледи

Полемичката книга „За макединцките работи“ (1903) на К. П. Мисирков од Постол, радикална критика како на теоријата и практиката на „организацијата“ (ВМОРО), така и на односот на балканските микро-империјални државички кон „македонцокто прашајн’e“ – има многу објасненија во обемната монографија „Крсте Мисирков“ (1966) на Б. Рестовски.

atanas-vangelov

Сите објасненија можат да се подведат под два заеднички именитела:
а) тактички, оние кои се поврзуваат со секундарни цели, краткорочни и привремени, и
б) стратегиски: оние кои се поврзуваат со примарни цели, долгорочни и дефинитивни.

Често се случува, во теоријата на политичките движења од голем формат (малите следат големи според законот mimesis) како, на пример, оние од времето на француската револуција од 1789., или на оние кои уследуваат по неа:1831, 1848, 1917., примарните цели – слобода, братство и единство (liberté, fraterné et égalité) да се заменат со секундарни. Денес, водечките историчари на идеите ја објаснуваат, на пр., појавата на Наполеон со таа замена.

Еден од тројца во директориум, Наполеон стапува на историската сцена во околности на социјален хаос, последица од теророт на револуцијата во 1789. Неговите војни драстично ја менуваат карата на Европа. Тие се опишуваат како извоз („полесно се извезуваат отколку што се остваруваат“) на идеалите „слобода, братство и единство“, со силна алузија на сегашниот „извоз на демократии“ од супер-сили во арапскиот свет. Добар пример за тоа како средството сурова сила,„хуманитарните бомби“ на В.. Хавел, не води кон возвишената цел слобода и правда (демократија) Попрво, до реки очајници (Сиријци) со кои тешко излегува на крај ЕУ. За што всушност станува збор? Целта што сака да ја постигне револуционерна елита, како онаа на Делчев од крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век, спаѓа во доменот вредности. Со неа се занимава дисциплината – аксиологија. Средствата кои доведуваат до таа цел спаѓаат во домен на друга дисциплина – праксеологија. Односот меѓу нив е однос на детерминација. Тоа вели дека средствата со кои се постига цел мора да бидат примерени (Н. Милошевиќ, Marksizam I jezuitizam“ 1985, 69-70).

Така, на пример, лекар кој оперира срце користи скалпел. Оној што вади заб, посебно обликувана клешта, а пак оној што ампутира нога – пила. Тоа што е погодно за ампутација на нога не е за операција на срце и обратно; едното и другото не се погодни за вадење, „екстреакција“ на заб. Или, во сите случаи, меѓу цел и средства нема ништо заедничко. Првите не ги одредуваат/избираат вторите. Последицата е: вторите, средства, не водат кон првите, цел. Тие се непримерени.

Како Македонците да дојдат до слобода и независност? Во прво време, до автономија со „широки права“ во рамките на империјата на Абдул Хамид, според австроунгарско-руски план за реформи? Тоа е прашањето што си го постава себеси тогашната млада интелектуална елита која се школува во центри (Белград и Софија) на слободните балкански државички. Во октомври 1893., во куќата на солунскиот книжар Иван-Хаџиниколов тие луѓе ставаат темел на организација на која и даваат име Внатрешна македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО) со Централен комитет (ЦК). Мисирков го вика „комитетот.“ Близок до врвот е и Крсте.

Блискоста ја потврдуваат многу документи кои се даваат во мега-монографијата на Блаже Ристовски. Пред него, во 1963 г. обрнува внимание на тоа, на свој начин, еден “реферат“-статија на Б. Конески кој ја открива книгата на Мисирков во 1945 г. и за тоа изввестува во “Нова Македонија“. Се задржувам на оптиката на Конески. Иако не е детализираа, по проста причина што тоа ни не е интерес на неговиот “реферат.“ Се задржувам затоа што има директна врска со тоа што го викам примарни цели на политичка теорија кои се оствруваат со примерени средства – секундарни цели. Колку за пример: по руско-турската војна од 1877/78 уследува Берлинскиот договор од 1878. Член 23 од тој договор предвидува реформи за европска Турција кои, меѓутоа, Портата не ги исполнува. Како што сега, на пр., режимот на Н. Груеску бега како ѓаволот од темјан од реформите според планот на Рајнхард Прибе.

Како последица на тоа, место замислената пацификација доаѓа до милитаризација на населението под силна импресија на руската улога во ослободувањето на Бугарија. Како и што вели Конески по прашањето кое тука не занима? Неговата оптика е еминентно антрополошка. Конески вели, на пример, дека во животот на секој човек барем еднаш доаѓа момент на „особено остро […] себепознавање“. Вели, уште, дека тогаш тој човек прави „рамносметка со себеси“; „неговата интуиција по нов начин го осветлува изминатиот пат.“ Од своја страна, тоа упатува на нов пат кој треба да се избира, иако се уште „сматно“.

Тоа се „најизразити белеги“, подвлекува, “по патот што една личност води кон нејзината зрелост“ (“Избрани дела“, 1981., т. 4, стр. 92.) Зрелоста на Мисирков Конески ја врзува за беспоштедната критика од неговата книга „За македонцките работи“ која ги зема на удар „раководците“ на „комитетот“. Иако неговите „остри прекори“ биле “не секогаш правични“ (94), иако Мисирков бил “понекогаш неправичен […] спрема другите“ (96), тој се „искупува“, вели авторот на „рефератот“ од 1963, со „величието на вистината“, како човек мошне „загрижен и одговорен за судбината на својот народ.“ Прашањето кое го поставаат опсеравциите на Конески гласи: колку и како „искупува […] величието на вистината?“ Особено ако се има предвид дека неговата лирска мисла е, во тој поглед, песимистичка. Таа лирска мисла вели: „ништо не лекува, само не слкува до основната болка.“

Aтанас Вангелов
фејсбук статус