ВМРО-ДМПНЕ му замерува на Ордановски поради критиките кон Трамп и го прашува Филипче дали „скршнува од прозападниот курс“

од Nikola Popovski
271 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ утрово излезе со соопштение во кое го критикуваше новинарот Сашо Ордановски поради неговите критики кон новата американска администрација предводена од Доналд Трамп. Партијата на власт му замерува на Ордановски бидејќи го нарекол Трамп, како што пренесуваат,  „рекетар и неонацист кој лаже“.

-Од СДСМ нема ниту збор за ваквите навреди, ниту осуда и ниту јавно оградување, што значи дека оваа партија и Венко Филипче се согласуваат со ваквите навреди кон важните стратешки партнери на државата, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека новинарот важи за близок до најголемата опозициска партија.

ВМРО-ДПМНЕ го прашува лидерот на СДСМ, Венко Филипче кој е неговиот став за ваквите навреди.

-Зошто се толку возбудени и нервозни доскорешните апологети на СДСМ? Дали по примерот на Апасиев и Венко Филипче скршнува од прозападниот курс и смета дека американскиот претседател е неонацист и лажго, стои во партиското соопштение.

Ордановски во емисијата „Само интервју“, меѓу другото истакна дека Трамп е идеолошки вљубен во рускиот претседател Владимир Путин.

-Имате низа од овие неконвенционални ликови околу него како што е Елон Маск кој практично функционира како потпретседател, а Џеј Ди Венс е негов заменик. Поминати се само четири недели. Сакам да кажам дека предупредувам дека треба да причекаме да помине цунамито, со оглед дека се ова што досега го направи нема конкретни големи ефекти – тарифи против Канада, Мексико, Кина и Русија не ги спомнува…Ја гази Европа бидејќи му е главен идеолошки противник. Се стави на страната на крајната десница во Европа, истакна Ордановски во емисијата „Само интервју“, додавајќи дека претседателот на САД користи практика на лажење.

-Путин за Трамп е како гуру, Путин го има намачкано Трамп како путер на леб, додаде новинарот во гостувањето.

Слични содржини