ВМРО-ДПМНЕ бара формирање анкетна комисија или надзорна расправа за деловната способност на Ковачевски

од Nikola Popovski
122 прегледи

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска на седницата на собраниската Комисија за одбрана и безбедност преку процедурални забелешки побараа да се формира анкетна комисија или да се одржи надзорна расправа на која ќе присуствува премиерот Димитар Ковачевски по обвинувањата дека тој ја избегнал законската обврска за служење на воениот рок.

Пратеникот Драган Ковачки побара и информација од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации дали постојат промени во безбедносниот ризик за премиерот Димитар Ковачевски.

Пратениците побараа седницата, која се одржуваше во Сала 4, да продолжи во салата „Борис Трајковски“ поради тоа што за темата интерес има и од граѓаните и од пратениците.

Премиерот пред неколку дека ги демантираше обвинувањата на опозицијата.

-Никогаш ниту сум избегнувал ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред 20 години за да го прикријат својот срам и криминал. Но, не сум изненаден. Не сум изненаден и за сите други лаги, клевети, лажни вести и манипулации од ВМРО-ДПМНЕ. Тие не се менуваат, а скандалите во Град Скопје само потврдуваат дека не само што партијата не е реформирана, туку дополнително криминализирана. Граѓаните тоа го гледаат и самите ќе судат, наведе Ковачевски.