ВМРО-ДПМНЕ утрово преку соопштение повторно побара Јавното обвинителство да ја заврши истрагата за случувањата на Клиниката за онкологија. Од партијата испратија низа критики до институцијата.
-Повеќе од два месеца Јавното обвинителство молчи и не отвора истрага зошто пациентите не ја добивале соодветната терапија, зошто не работел КАТО системот на клиниката за Онкологија и кој се заработувал на грбот на болните граѓани од канцер. Низа информации кои излегоа од граѓани кои биле директно засегнати, информации од медиумите дека се набавувала терапија од омилената веледрогерија, без протоколи и евиденција, информации дека терапијата за болните од канцер завршувала ма црниот шазар, како и не користење на КАТО системот само укажуваат дека случајот Диво месо бил планиран и свесно разработена машинерија за богатење и тоа на грбот на најболните, истакнуваа од најголемата опозициска партија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, „со ваквиот однос од страна на ЈО се поочигледно е дека сакаат да се прикријат вистинските виновници и се фрла дамка и на оние здравствени работници кои професионално си ја вршат својата работа“.
-Мора да се стави крај на канцер мафијата. Мора секој што се огрешил пред законот да одговара, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
На 2 септември обвинителството отвори предистражна постапка за Клиниката за онкологија, а беше извршен претрес во Клиниката и на уште две локации во приватни станови во Скопје, од каде информираа дека се одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење.
Од тогаш од Обвинителството постојано апелираат дека активно се работи на случајот и тврдат дека разрешница и евентуална одговорност за овој случај ќе има.