Намалување на акцизите за горивата за моторни возила за 50 проценти ќе предложи ВМРО-ДПМНЕ во закон што ќе го достави до Собранието, најавија утрово од партијата.
„ВМРО-ДПМНЕ дава конкретен предлог за заштита на стандардот на граѓаните и директна помош на економијата. Со предлог-закон ќе побараме намалување на акцизите за горивата за моторни возила за 50 отсто. Оваа мерка ќе влијае директно на намалување на цената на горивата. Бензинот веднаш ќе се намали за 13 денари, а дизелот за 9,5 денари“,соопштија од партијата.
Според проценките на партијата, ова не значи само заштеда на семејствата, туку и во транспортот и во стопанството и тоа може да ги поевтини цените на конечните производи.
„Секој денар што ќе го заштедат фирмите и граѓаните во вакви тешки времиња и тоа како значи, за да можат да го преживеат месецот. Очекуваме владата на СДСМ и ДУИ да го прифати овој предлог во пресрет на кризата која доаѓа. Овие тешки времиња бараат одлучни чекори, а не беспредметни „вонредни“ видео обраќања“,
велат од опозициската партија.