ВМРО-ДПМНЕ бара од Филипче да ги покаже уплатниците за „аудито Q8“

од Nikola Popovski
61 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ бара од лидерот на СДСМ, Венко Филипче да ги даде уплатниците за возилото марка „ауди Q8“ и да каже како го набавил со плата. Од партијата преку соопштение истакнаа дека новиот лидер на СДСМ, го нема пријавенo џипот во својот анкетен лист.

-Венко Филипче мора да каже како го платил луксузниот џип, и како успеал тоа да го стори со плата? Доколку џипот не е на негово име, Филипче да каже што услуга завршил на тој што го купил истиот. Никој не купува нов џип од стотици илјади евра и го дава на возење на некој друг, и сосема случајно тој друг да е поранешен министер за здравство и лидер на опозициска партија. Филипче да не се крие зад партијата, да излезе и да ги покаже уплатниците за џипот, ако ги нема да каже кој му го купил и зошто, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков го праша Филипче, „дали луксузното `ауди Q8` е награда за некој од десетиците милионски тендери“.

Филипче стана нов лидер на опозициската СДСМ откако со убедлива разлика ги победи своите противкандидати Александар Бајдевски и Јован Деспотовски, додека единствената жена-кандидат за претседател на СДСМ, Славјанка Петровска на два дена пред денот на гласање се откажа од изборната трка.

Филипче го објави новиот анкетен лист во Државната комисија за спречување на корупција. Пријавил шест стана, од кои пет во Карпош и еден во Центар, како и ново возило „индиан пурсуит“ во вредност од 25.000 евра.

Тој има 215 акции во Макстил, 55 во Стопанска банка и 40 во Гранит, но и удел во Макпетрол. Вредноста не е пријавена.

Филипче има и регистрирана фирма под назив „Poweri8“ во Бугарија.

Слични содржини