Откако вчера беше соопштено дека Судскиот совет треба да формира комисија која ќе ги разгледа сите списи во врска со претходните судски случаи на обвинетиот за сообраќајката на „Партизанска“ Васил Јованов, од ВМРО-ДПМНЕ денеска излегоа со соопштение во кое побараа Судскиот совет да ги земе во предвид сите аргументи и Даниела Алексовска Стојановска да ја разреши од позицијата судија.
Партијата смета дека судијката има поврзаност со СДСМ, па оттам поставија неколку прашања преку утринското соопштение:
-СДС и Венко Филипче треба да излезат и јавно да кажат дали и колку пари и плаќале на судијката која го ослободила од затвор возачот убиец? Или пак отстапениот деловен простор од семејната куќа на Даниела Алексовска Стојановска за општински штаб на СДС во Ранковце е донација од страна на судијката за партијата на Филипче? Согласно македонските закони, СДС можеле да го изнајмат деловниот простор од куќата во Ранковце, сопственост на судијката Алексовска Стојановска, за таму да смести партиски штаб и за тоа да платат кирија. Исто така, и судијката на СДС можела да и го отстапи деловниот простор од сопствената куќа без надомест, нешто што ќе потпадне под поимот донација. Затоа СДС и Венко Филипче мора да кажат каков однос имала партијата со судијката која зад затвор, за трговија со дрога, го ослободила убиецот на младата Фросина. Дали СДС и плаќале кирија на судијката, ако да колку и зошто ја избрале токму нејзината куќа, стои во ставот на партијата на Христијан Мицкоски.
Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски вчера излезе со реакција по изнесените забелешки во јавноста во врска со претходните судски случаи на обвинетиот Васил за сообраќајката на „Партизанска“ и трагичната смрт на младата Фросина Кулакова.
Тој вчера информира и дека комисија на Судскиот совет веќе ги разгледува списите и ќе постапи по сите забелешки на јавноста. Се посочува и дека неточни се шпекулациите дека обвинетиот бил претходно осудуван и се воделе други кривични постапки против него, што е евидентно и од наводите на Јавниот обвинител и Казнената евиденција, а кои се, како што се посочува, тие фамозни 10 пријави по кои постапувал истиот судија за истиот обвинет се прашуваме и ние, зошто такви пријави не се процесуирани до судот.
На Васил Јованов во јули минатата година Основниот кривичен суд му одредил воспитна мерка и го упатил во воспитно-поправниот дом во Тетово од постапката во која му се судело за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и прекурсори.