ВМРО-ДПМНЕ БАРА ВЕДНАШ ЗАТВОРАЊЕ НА „ЦАР БОРИС“: „Законите мора да се почитуваат, клубот има 90 дена да го промени името“

од Nikola Popovski
420 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш да почне да се применува Законот за здруженија и партии и да се затвори бугарскиот клуб „Цар Борис“. Според нив, недозволиво е во Македонија која се стреми кон Европа да има активни клубови кои имаат поврзаност со еден од најмрачните делови на историјата.

Од партијата „Левица“ за „Локално“ коментираат дека „вклучувањето на ВМРО-ДПМНЕ во оваа приказна е последица на наративот кој Левица го постави“.

-Не постои причина поради која можеме да веруваме дека тие ќе беа вклучени во антифашистичката борба доколку ние не го мобилизиравме народниот одговор, а со тоа ги одредивме и политичките прилики, вели портпаролот на партијата, Амар Мециновиќ во изјава за „Локално“.

Амар Мециновиќ

Амар Мециновиќ

Мециновиќ потенцира дека „Левица“ е единствена антифашистичка парламентарна партија, чии вредности се содржани во антифашистичкиот народен гениј.

-Природно, битката против повампирувањето на идеите кои имаат за цел да ја поткопаат националната и социјалната слобода на Република Македонија, падна на „Левица“ да ја води. Ние организиравме два масовни протести против двата контроверзни фашистички клубови во Битола и Охрид, против кои поднесовме претставки за забрана на работата, како и кривична пријава против претседателот на здружението „Иван Михајлов“ во Битола, наведува Мециновиќ.

Портпаролот на партијата додава дека „борбата против рехабилитацијата на овие фашистички дејци и државници, создаде притисок врз власта и сите останати политички субјекти, бидејќи народот тоа го бара и посакува“.

-Вредно да се напомене е тоа што квислиншката Влада со своите челници, сега зборува за нужноста од овој Закон да се најде пред Венецијанската комисија, кога токму нивното непочитување на заклучоците од комисијата за двојазичноста и понатаму не прогонува во европските извештаи како негативна одлика, рече Мециновиќ.

Моника Зајкова

Моника Зајкова

Пратеничката на ЛДП, Моника Зајкова во изјава за „Локално“ вели дека нејзината партија ги почитува законите кои се донесени во Собранието на Република Северна Македонија.

-Ова здружение може да биде избришано од регистарот доколку не ги испочитува одредбите од законот според кои има рок од 90 дена да го смени својот назив. Воедно согласно членот 110 од Уставот, Уставниот суд, покрај другото, одлучува и за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и здруженијата на граѓаните, објасни Зајкова.

Пратеничката потенцира дека во негова надлежност е и укинување и поништување на Статут и Програма на здружение, доколку утврди дека истите не се во согласност со македонскиот Устав или закон.

-Па оттука и Уставниот суд како институција може да постапува во рамки на својата надлежност и да даде конечна оценка за уставноста и законитоста. Повторно апелираме граѓаните да не потпаѓаат на провокација и да се почитуваат позитивните законски прописи. Ние сме соседни земји кои треба да соработуваат во областите кои нѐ спојуваат, а да се воздржуваат од провокации кои создаваат омраза и нетрпеливост меѓу двата народа, укажува Зајкова.

Маја Морачанин

Маја Морачанин

Одредбите од Законот ги цитираат и од ДОМ.

Лидерката на партијата Маја Морачанин во изјава за „Локално“ објасни дека бугарските клубови според спорни историски личности, кои се поврзуваат со фашизам, имаат рок од три месеци да ги усогласат своите имиња или ќе бидат избришани од Централниот регистар.

-Доколку тоа не се случи во предвидениот рок, министерот за правда Никола Тупанчевски може да побара тие да бидат избришани од Централниот регистар, рече Морачанин.

Османи: Отворањето на клубови во двете земји мора да биде во духот на добрососедството

На 7-ми октомври годинава во Охрид се отвори вториот бугарски клуб во земјава кој го носи името „Цар Борис Трети“. Здружението на граѓани „Цар Борис Трети“ е формирано лани во ноември. Клубот го носи името на бугарскиот цар за време на Втората светска војна, кога Бугарија е дел од оската со нацистичка Германија и фашистичка Италија.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи неодамна изјави дека отворањето на клубови во двете земји мора да биде во духот на добрососедството.

-Овој циклус на инструментализирање на малцинските права овде преку клубовите во Охрид и во Битола и клубот во Благоевград не е во духот на добрососедството. Тука имињата не беа добронамерни и не мислам дека тоа помагаше на бугарската заедница. Времето кога ова се случува и начинот на кој опозицијата се надоврзува за да „лови“ некои политички поени, сметам дека е обратно од она што ние сакаме да го правиме. Ние сакаме еден нормален циклус, рече Османи.

Н.П.

Слични содржини