ВМРО-ДПМНЕ без коментар за судскиот предмет за организаторите на „Крвавиот четврток“

од Aleksandar Todeski
337 прегледи

Еден ден по одлуката на Кривичниот совет случајот за организаторите на 27 април да седнат на обвинителна клупа, ВМРО-ДПМНЕ нема никаков коментар за судскиот предмет кој сега чека преку АКМИС системот да биде прераспределен кај судија.

Локално испрати прашање до опозициската ВМРО-ДПМНЕ за коментар, бидејќи обвинетите, пратеникот Трајко Вељаноски, екс министрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски се кадри на партијата, но од таму до објавување на текстот одговор не добивме.

Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција обвинението за организаторите на „Крвавиот четврток“ го поднесе во мај минатата година во кое беа опфатени шест лица. Против Вељаноски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски беше поднесено обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, додека пак за експремиерот Никола Груевски и за вработениеот во УБК, Никола Бошкоски, кои се во бегство во Унгарија и Грција и се недостапни на органите на прогонот, постапката беше запрена до нивно пронаоѓање.

За насилствата во Собранието, на 15 март минатата година беа осудени 16 лица кои вкупно добија затворски казни од 211 години.

А.Т.

Слични содржини