Бришењето на името Република Македонија, менувањето на Уставот, откажувањето од историјата, традицијата и културата за секој Македонец е трагедија, а не компромис на деца од градинка, го коментираат обраќањето на премиерот Зоран Зае на трибина за референдумот, од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Негирањето на македонскиот идентитет е срам за секој што се чувствува Македонец, освен за некој што е уценет и подготвен ма се само за да го прикрие криминалот. Вечерашниот настап на Зоран Заев е уште една потврда за трагедијата што се случува во државата под водство на овој човек“, се вели во соопштението.
„Споредувајќи го капитулантскиот договор со Грција со примери како „компромис на деца во детска градинка” и останати примери од секојдневниот живот, уште еднаш на македонските граѓани им потврди со која несериозност, неодговорност, ноншалантност и антидржавно однесување пристапил кон овој капитулантски договор со кој се подрива нашиот идентитет, нашата државност и историја“, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, трагично е тоа што Зоран Заев мисли дека со хумористични досетки и неиздржани и несериозни примери и споредби може да го смени мислењето на граѓаните за оваа исклучително сериозна тема. Тоа само говори за каков човек станува збор.