Од ВМРО-ДПМНЕ се огласија со реакција по повод објавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче за членството на Македонија во НАТО и потпишувањето на Преспанскиот договор. Од партијата на Христијан Мицкоски му порачаа на претседателот на СДСМ, наместо да пишува басни и писанија на социјалните мрежи во кои ни тој самиот не верува, да одговори дали чувствува вина што последиците од катастрофалните договори Македонија ги чувствува и денес.
-Политиката на свиткана кичма на сијамскиот близнак на Венко, Заев донесе затруени плодови и штетни договори од кои и денес Македонија едвај глава крева, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владеачката партија, членството во НАТО не е придобивка на Филипче, туку, како што велат, придобивка од него се десетици илјади луѓе кои ги загубија животите.
-Венко Филипче наместо да се занимава со висока политика треба да одговори дали уште смета дека кабелот е виновен за запалената модуларна болница, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно Филипче во објава на социјалните мрежи истакна дека одлучноста Северна Македонија да застане рамо до рамо со водечките светски демократии денес изгледа поважно од кога било. Тој го поздрави фактот што неговата партија презела одлучни чекори уште со Преспанскиот договор во 2018 година, а 600.000 граѓани на референдум, како што вели, го потврдиле правилниот пат кој го одбрал СДСМ.
Владата е должна да работи кон понатамошно унапредување на односите со Алијансата и земјите партнери во градење на цврста и долгорочна соработка, наведе Филипче, додавајќи дека неговата партија останува посветена на носење одлуки кои служат за најдобар интерес на нашата нација.