ВМРО-ДПМНЕ: Да се излезе со фабрикувана порака на убиената Росица е злоупотреба на смрт во политички цели

Според партијата на власт, пораките за кои СДСМ зборува се „тотална измислица и фабрикација на нивната кујна за лаги“

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: Фејсбук

Срамота е СДС да прави прес-конференции со измислени материјали, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска за наводните пораки што му ги испратила сега веќе усмртената Росица Коцева на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски пред околу пет месеци.

Според партијата на власт, пораките за кои СДСМ зборува се тотална измислица и фабрикација на нивната кујна за лаги и манипулации.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека лагите и манипулациите се, како што велат, „најсилното оружје на СДСМ, таму најдобро се снаоѓаат во недостаток на конкретни политики“.

-Да се излезе со фабрикувана порака на убиената Росица, со тврдење дека е вистинита е повеќе од лага, тоа е злоупотреба на смрт на една млада девојка во политички цели, што е надвор од сите морални основи и некрофилство од невидени размери.

-До каде ќе оди умноболието на СДС, прашуваат од најголемата владеачка партија.

Во јавноста се појавија пораки кои наводно Росица му ги испратила на министерот Тошковски пет месеци пред нејзината смрт. Во пораките девојката напишала „Очајно ми треба помош“.

„Сѐ надевам дека пишувам на право место и дека конечно некој во оваа држава ќе отвори уши и очи за мојата безизлезна ситуација. Човекот кој од декември наваму, ме демне, ме тепа, ми нанесува друг вид на насилство, силува, прогонува и последно пред 5 дена ми ја запали колата е сеуште на слобода”, пишува во пораката која наводно е испратена до министерот кој ги демантира наводите.

Дали оваа порака Почитуван министре стигнала до вас пред 5 месеци ? Ако стигнала, што сте направиле? Прашуваме, бидејќи наводно во оваа порака на Росица е објаснета нејзината целосна голгота низ институциите, името на обвинителот, но и  тоа дека на човекот кој ја уби Росица и покрај сите терори кои ги трпела и ги пријавила уредно, стои дека пасошот му е вратен од страна на МВР. “Вратен му е пасошот од МВР и во моментов слетува во Берлин” напишала Росица. Прашуваме уште еднаш, дали е ова точно?, праша денеска на прес конференција, Богданка Кузеска од СДСМ.